Контакт податоци

Комисија за односи со
верските заедници и религиозни групи

Бул. Гоце Делчев бр 8, зграда на МРТВ,18 спрат,
1000 Скопје, Р. Македонија, П.Фах52
тел. + 389 2 3226-777;
факс +389 2 3226-353
e-mail: kovz@kovz.gov.mk

  Работно време со странки

вторник: oд 10.00-12.00 часот

четврток: од10.00-12.00 часот

                     

 БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА РЕШЕНИЕ

 

 ОТВОРЕНО-ПАРТНЕРСТВО

OPEN DATA

 

             

 КАРТА НА ВЕРСКИ ОБЈЕКТИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

  

 ВЕРСКИ

АЛМАНАХ


 
 
 
   

 

   Медиумски пријатели
   www.vest.com.mk
   www.mia.com.mk
   www.vecer.com.mk

Корисни линкови
Press Cliping

говорот на директорот на комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи проф.д-р валентина божиновска на Конференција во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, 07.12.2012, Холидеј Ин, Скопје

 

 

УЛОГАТА НА ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО ГРАДЕЊЕТО НА МИРОЉУБИВИ И МУЛТИКУЛТУРНИ ЕВРОПСКИ ОПШТЕСТВА

 

 

Почитувани,

 

Духот на 21век веќе одамна навлезе во нашите животи. Редица нови аспекти ги променија и збогатија нашите концепти и сфаќања за религијата. Се чини дека денес повторно се буди интересот за неа, за нејзините извори и практики, и тоа многу повеќе од порано. Во еден период, одредени структури во историјата манипулираа со религијата и со нејзината вистинска улога во градењето на мирот и просперитетот. Моќта на идеологиите и догмите како да не оставаше простор за духовен вознес и човекото самоизнаоѓање во Бога. Но, историјата и искуството постојано укажуваа на фактот дека ниту една идеологија, уредување и политика, не можат да бидат доволни самите на себе, исклучувајќи ги основните категории и приципи на духовноста. А тие принципи се: љубовта спрема ближниот и безусловната почит и достоинство кон Другиот, различниот од нас, без оглед на етничката и културната припадност.

Лицето на религијата е мирот, а нејзиното име-љубовта. Преиспитувајќи ги западно-европските општества од минатиот век кои поминале низ процесот на секуларизација, може да се заклучи дека многу нации во западна Европа, денес повторно се навраќаат на изворите на религијата. Глобализацијата ги разбуди заспаните и маргинализирани понекогаш и намерно сокривани религиски вредности. Секуларизацијата беше погрешно толкувана како намалување на значењето на религијата и нејзино потиснување од општествената и политичката сфера. Но таа не значи нејзино потполно исчезнување и самозатвореност. Напротив, религијата продолжила и понатаму продолжува да игра значајна јавна улога и способност да се носи со предизвиците на новото време. Таа, условно речено, се плурализира, односно ги зголемува изгледите  различните институции и групи своите барања за општествен авторитет да ги засновуваат врз различни религиски подлоги.

Но, историјата не заборава за оние системи кои ја злоупотребуваа религијата за експанзија на интересите на поединци и групи и нивните желби за моќ. Тие олицетворени во идеите за големите општествени промени. Тука спаѓаат и оние уредувања кои го афирмираа идеалот на атеизмот кои како последица произведоа генерации кои немаа разбирање и почит за различностите. Кризата што набрзо ги зафати овие општества предизвика чувство на небезбедност и можност за појава на голем број религиозни организации со клаустрофобичен и радикален произлез. Таквите општества наместо да се отворат кон принципите на верата останале зависни од своите самосоздадени авторитети. Нивната затвореност и отсуство од почит спрема другите, различните на нив, културни вредности и традиции, уште повеќе ги зголеми нивните внатрешни конфликти, и не ја мобилизираа потребната енергија за соочување со своите проблеми, како и со проблемите на своите верници.

Почитувани, не постои мир во светот доколку не постои мир помеѓу религиите. Зачувувањето на овој мир е должност не само на верските заедници и нивните лидери, туку и на секој од нас поединечно. Верските лидери треба да го употребат својот морален авторитет да регрутираат што поголем број на човечки ресурси од нивните заедници во корист на градењето на мирот. Исто така, секој од нас поединечно мора да знае да го препознае значењето на религиските фактори во градењето на мирот, но и да развива можности за соработка со своите верски лидери во промовирањето на мирот. Религиските традиции, како и нивните различни практики играат многу важна улога во градењето на почитта и достоинството спрема другиот. Препознавањето на овие заеднички вредности во сите религии претставува искачување едно скалило погоре во духовната скала на мирот.

Инструмент за ваквото постепено искачување е дијалогот. Но не дијалог како потрага по согласност со спротивните ставови, туку како потрага по нивно разбирање. За да се разбере другата религија, не е неопходна согласност со нејзините ставови. Не е потребно градење на заедничко становиште за да може да се почитува. Потребно е разбирање, и тоа не само помеѓу верските заедници, со другите заедници со иста или слична вероисповед, туку и со политичките лидери и претставниците на државата, затоа што нивната меѓусебна соработка е еден од клучните фактори во градењето на мирно и стабилно општество. Дијалогот ќе овозможи неговите учесници правилно да ги идентификуваат меѓусебните недоразбирања во поглед на различните убедувања и практики и да ги лоцираат областите во кои треба да се соработува. На овој начин, двете страни фокусирајќи се на разликите со другите религии, подлабоко ќе  навлезат во својата религија со цел да ги зацврстат своите позиции. Тоа ќе овозможи подобро запознавање со нивните вери преку препознавање на религиската порака низ призмата на религијата и убедувањата на нивните соговорници. Ова од друга страна ќе ја зголеми самопочитта како и почитта кон заедничките духовни вредности.

Почитувани, мирот не може да се оствари со политички одлуки, туку со лична одлука на помирување со Бога. Мирот го градиме преку нашиот стремеж за праведност, вистина и простување. Колку што е божји, мирот е толку и световен процес. Сите ние треба активно да се вклучиме во него преку нашите секојдневни активности. Никој не поседува ексклузивно право на негово градење. Политичарите и дипломатите не треба да бидат единствените градители на мирот. Верските лидери им се потребни, затоа што тие внесуваат духовна димензија што и недостасува на политиката. Верските заедници можат да дадат посебен тон во решавањето на конфликтите во едно општество. Исто така, на верските заедници им е неопходна помошта во поглед на зајакнување меѓурелигиската компонента во образованието, преку изучување на религиите во училиштата, на разни семинари, младински кампови, курсеви за меѓуверски соживот, и многу други активности од едукативен карактер.

Неопходна е колективната одговорност. Неопходни се тела и институции, кои ќе посредуваат во дијалогот помеѓу верските заедници, како и помеѓу верските заедници со државните авторитети и со граѓаните. Тука секако покрај придонесот на државната Комисија за односи со верски заедници и религиозни групи, спаѓа и придонесот на Вашата Фондација „Конрад Аденауер“ која ги промовира меѓурелигиските вредности. Но овде треба да се вклучат и другите институции на државата и на невладиниот сектор. Во едно пост-конфликтно општество какво што е нашето, наивно е да се верува дека само мал број институции можат да ги надминат сите проблеми и да постигнат успех во дијалогот. Во дијалогот, покрај образованието, треба да се впрегнат сите витални функции на општеството, како економијата, локалниот развој, културните активности и се она што придонесува за подобар живот на тоа општество.

Почитувани, во Библијата постои една приказна која ја опишува битката на Јаков со неговиот брат Исав. Јаков во оваа битка победил и со тоа го засадил семето на Месијата (епохата на мирот и отстранување на болката и страдањето од целиот свет). Откако завршила меѓусебната пресметка, Исав го благословил својот брат со зборовите: „Отсега не ќе ти биде името Јаков, туку Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето, и победи“.

Потребно е да излеземе од конференциските маси и интелектуалните разговори и да влеземе во битка. Суштината на животот е битката. Но клучно е да се разбере дека таа никогаш не се води на физичко поле, туку на духовно. Битката на Јаков не била со неговиот брат Исав, туку со неговиот ангел, изворот на неговата енергија. Начинот на кој ќе ја отстраниме болката и страдањето во целиот свет не е преку надворешната битка, туку на полето на свеста преку соочување со нашиот вистински непријател-нашата негативна сила. Ние се бориме против нашите стравови, нашата затвореност и недостигот на верба. Кога ќе извојуваме победа на духовно ниво, кога ќе го победиме нашиот внатрешен непријател и ќе излеземе надвор од границите на нашите култури, групи и припадности, тогаш ќе постигнеме вистински мир.

Во оваа смисла, кога луѓето од различните вери ќе се впуштат во еден дијалог на срцата, кога интуитивно ќе ја почувствуваат потребата од заедничка визија за целото човештво, кога внатре ќе пронајдат извор на духовна енергија за разбирање на другиот, тоа неминовно ќе доведе до мирољубиви и сплотени европски општества.