Контакт податоци

Комисија за односи со
верските заедници и религиозни групи

Бул. Гоце Делчев бр 8, зграда на МРТВ,18 спрат,
1000 Скопје, Р. Македонија, П.Фах52
тел. + 389 2 3226-777;
факс +389 2 3226-353
e-mail: kovz@kovz.gov.mk

  Работно време со странки

вторник: oд 10.00-12.00 часот

четврток: од10.00-12.00 часот

                     

 БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА РЕШЕНИЕ

 

 ОТВОРЕНО-ПАРТНЕРСТВО

OPEN DATA

 

             

 КАРТА НА ВЕРСКИ ОБЈЕКТИ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

  

 ВЕРСКИ

АЛМАНАХ


 
 
 
   

 

   Медиумски пријатели
   www.vest.com.mk
   www.mia.com.mk
   www.vecer.com.mk

Корисни линкови
Македонска Православна Црква

БОГОЈАВЛЕНИЕ - ВОДИЦИ




Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголе­ми­те христијански празници, зашто на тој ден според верувањето Исус Христос е крс­тен од Свети Јован Крстител во реката Јордан.

Co тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок род­ни­на. Co овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бад­ник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполну­вал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, спо­ред верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој настан го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: "Дај ми Господи, еден осмак глава". И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пен­џе­рата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа".

Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу ле­ковити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се напрви откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19/6.I. освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вто-риот ден 20 ./7 I. Собор на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шап­ка­рев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Истиов обичај го забележала и Вера Клич­кова и смета дека поради овие обичаи првиот ден се вика Машки, а вториот Жен­ски Водици. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само ма­жите, а вториот ден само жените. Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат компании, кумства или брат­ства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите чле­нови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со "све­ти­јоване", "побратиме" и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црк­ва­та кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи за­конот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос значи тој го има кумството. Во песната од западна Македонија "Или тотнет ил се земја тресет" објавена во зборниците на Јастребов и Икономов во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:

Свети Петар клучи од рајове,

Свет' Илија - силни секавици,

Свети Јован - кумство,

побратимство,

Неделица - празник да

празнуват.

Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крс­тот една година од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кум­ст­во­то. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по ста­рост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, a со тоа и кум­ството се.откупувале со наддавање.

Еден ден пред празникот на 18/5.I, е Водокрштение, некои го викаат Водо­крст или Водопост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црк­ва­та. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа ком­па­нија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилек (треба да има толку гранчиња колку што има куќи компанијата) ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Co овој чин оваа вода добива про­фи­лактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите про­стории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот бла­го­словувал:

Кај што помина чесен крст,

да е чесно бериќетно,

кај што капнало капка вода,

сребро и злато да капит,

да се родит бериќетот.

            На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се фрла во езерото, во Скопје во Вардар, a пo селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир. Крстот го фрлал попот откако ќе отпеел мо­лит­ва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е не­па­рен (лио), тројца, петмина или седуммина. Тој што ќе го извадел крстот од во­да­та добивал подароци. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, a со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на доби­то­кот. Попладнето по коледица одат мажите но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.

Вториот ден од празникот, Собор на Свети Јован Крстител, именден про­сла­вуваат.Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден же­ни­те одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една де­вој­ка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, нај­често пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: "Појдов дојдов низ село / нај­дов сено косено..." во дворот од куќата: "Овде дворје метени / овде моми пле­те­ни..." во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата. На домаќинот му се пее песната:

Домаќине Стамјанине, дали пиеш или спиеш, ако пиеш весели се, ако спиеш разбуди се. Долетало лепо пиле на рамена на Стамена. Тогај велит домаќинот: -Ај подајте лак и стрела, да застрела ова пиле. Одговори лепо пиле: -He сум пиле за стрелање, тук сум пиле аберџија, абер носам од далеку, ти си имаш мила сина, царот има мила ќерка, двајца да се сосватите, и пак да се понашате како вејка со јаболка, како нива со пченица, како трло со јаголнца.

На жена со машко дете и се пеела песната: "Има мајка мила сина", на жена со ќерка: "Има мајка мила ќерка" или "Има мајка мили ќерки," ако имала повеќе женски деца, а на жена без деца и се пеела песната "Еливер ми коња коит" и тн. Според содржината но и според начинот на исполнувањето овие песни се блиски со лазарските песни.

Најсвечено и највесело е вечерта кај кумот кога се одврзува крстот и кога ку­мот му го предава крстот, a со тоа и кумството, на новиот кум. Стариот и новиот кум седнуваат еден до друг, кумот го одврзува крстот и на секоја фамилија од компанијата и дава по еден страк од босилекот и по дел од црвениот конец со кој бил врзан крстот.

Потоа крстот му го предава на новиот кум и му го честита кумството. По ова неколкумина мажи го креваат новиот кум три пати високо, до таванот, а сите при­сут­ни стануваат и пеат:

Сопаши се, стари куме

опаши се, нови куме,

личен Господ се распашал,

со јариња, со јагниња,

со дечиња во куќава,

со бериќет низ полено,

танки ржи до шлемиња,

пчејнците до гредите,

јачмењата до појаси,

а урвите до колена.

Исчекале и в година,

и в година и за многу

сосе рода што имаме

      и мајкина и таткова.

Додека го креваат кумот тој благословува да се живи луѓето, да се јачи компа­ни­јата, а потоа на низата со пари околу крстот врзуваат уште една пара што оз­на­чу­ва уште една успешно помината година. Од сиве овие активности на кумот може да се види дека во народното верување тој ја претставува врската со богот заш­тит­ник.

Водичарските обичаи, верувања и песни покажуваат дека во Македонија до денес се одржале многу од старите обичаи кои најпрвин имаат аграрен, а дури по­тоа хтоничен карактер, и дека во нив се следат слоеви од најдалечното минато, од­носот кон словенскиот врховен бог, но и социјалната организација на селото, на ком­панијата и на семејството.