По втор пат во организација на КОВЗРГ, ПК „Јелак“ од Тетово и МПЦ-ОА на падините на Сува Гора се одржа планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека“.
По втор пат во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово и МПЦ-ОА: Тетовско-гостиварска православна епархија, на 20. 10. 2019 година на падините на Сува Гора се одржа планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека“, која беше новопоставена ланската година во чест на 1000 - годишниот јубилеј на Охридската архиепископија.
Оваа година 105 учесници ја поминаа патеката долга девет километри и учествуваа во акцијата. Од страна на учесниците долж патеката беа посадени 150 млади дрвца. Свое учество на планинско-рекреативната акција зеде и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г. Даријан Сотировски.
-Планинарско-рекреативната акција започна од тетовското село Блаце и заврши во селото Волковија. Дрвцата се засадија на две локации кај црквата Света Екатерина во Стенче и во близина на месноста Чука кај Волковија. Имаше голем број млади и деца, со оглед дека станува збор за лесна патека за пешачење.
Оваа акција се организира по втор пат, а поводот е одбележување на 1000 години од Охридската архиепископија. Поздравно слово во црквата „Свети Мина“ во с. Волковја, каде заврши пешачењето одржи Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
„Патот на нашата Црква бил како оваа патека. Полн со восочини, но и со падови. Пред нас го поминале нашите предци, нашиот народ и свештенството, па страниците на нашата историја се исполнети со богати содржини, како што оваа патека е исполнета со нашето милениумско и постаро црковно и културно наследство: бројните археолошки локалитети, ранохристијанските храмови, поновите цркви и манастири“ - истакна владиката Јосиф.
Учесниците на Милениумската патеката, ги поминаа и посетија православните цркви „Пресвета Троица" во с. Блаце, потоа храмот „Света Петка", ранохристијанската базилика во областа Граиште, „Свети пророк Илија", и новоизградената црква „Света Екатерина" во Стенче. Во с. Волковија се поминаа „Свети Атанасиј",„Свети Георгиј" при некогашниот Волковски манастир и „Свети Мина", каде за сите учесници беше приредена трпеза на љубовта.