Во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и Балканскиот институт за вера и култура (БИВК) во Скопје од страна на проф. д-р Мајк Пирс се одржа предавање на тема „Религијата и политиката на Балканот: Краток историски преглед“.
Во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и Балканскиот институт за вера и култура (БИВК), денес во салата на Порта Македонија во Скопје се одржа предавање на тема „Религијата и политиката на Балканот: Краток историски преглед“.
Предавањето го одржа проф. д-р Мајк Пирс, експерт на Оксфорд Универзитетот и професор по историја на „Хутон колеџ“, Њујорк.
г. Пирс во изјавата за медиумите пред почетокот на предавањето рече дека ќе даде еден најкраток преглед за соодносот помеѓу религијата и политиката на Балканот, додавајќи дека не е можно целата приказна да се раскаже во детали бидејќи има многу материјал и е многу комплицирано.
„Она што јас сакам да го понудам е начин којшто ќе ни помогне да размислуваме за овие реалности, кој ќе ни помогне како подобро да ги разбереме. А особено како да си помогнеме да се ослободиме од оние нешта кои цело време нè воведуваат во конфликт, што не можеме никако да се ослободиме од нив, а овој начин на размислување ќе ни помогне како да не го правиме тоа“, нагласи г. Мајк Пирс.
Истакнувајќи дека целта на предавањето е преку реномирани личности од светската сцена да се донесат нови искуства и идеи во домашната јавност, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, рече дека на балканските простори секогаш имало вкрстување на религијата и политиката.
„Се надевам дека ова и за академската заедница кај нас ќе биде особено значаен придонес, затоа што пред сè ги компарираме нашите идеи и нашите научни заклучоци со оние од надвор. А зборуваме за нешто мошне интересно и секогаш актуелно на Балканот, а и во нашата држава, а тоа е вкрстувањето на религијата и политиката, затоа што историјата нè научила дека едното без другото воопшто, во ниту еден период од историјата не оделе сами“, рече Сотировски.
Директорот на Балканскиот институт за вера и култура, г. Коста Милков, истакна дека Институтот во последните 10 години се обидува да придонесе за благосостојба и поголемо разбирање на сите луѓе што живеат во нашата земја.
„Овие последни 10 години што Балканскиот институт за вера и култура се обидува да ги направи, да придонесе за една благосостојба, поголемо разбирање и поголема вплотеност на сите луѓе што живеат во нашата земја, е многу битно да ги земеме предвид затоа што сакаме понатаму да продолжиме во иднината со тоа што ќе имаме луѓе од различни религии, од различни позадини и различни разбирања, коишто истовремено ќе сакаат да живеат заедно“, рече г. Милков.