По доделувањето на признанијата, наградениот ставрофорен протопрезвитер отец Спасе Стефановски се обрати со благодарствено слово од името на сите добитници на предновогодишниот прием насловен „Вера посилна од секоја криза“ организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на о. Спасе Стефановски.
Ваша екселенцијо, почитуван Претседателе господин Стево Пендаровски,
Почитуван директоре на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, господин Даријан Сотировски,
Ваше блаженство, високопочитувани поглавари и претставници на црквите, верските заедници и религиозни групи,
Почитувани присутни,
Ми причинува чест и задоволство, како најстар во наградените, во нивно име и мое лично, да искажам срдечна благодарност на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи – КОВЗРГ во нашата убава, од Бога благословена Македонија, за наградата „Вељо Манчевски“ што вечерва ни ја врачи почитуваниот претседател на Комисијата, г-дин Даријан Сотировски.
Овој начин на препознавање на нашата успешна работа што ни ја довериле нашите претпоставени, претставува искрена почит и признание и на установите, институциите и организациите на кои им припаѓаме. Зашто, тој препознаен и награден индивидуален труд, се вградил, како значаен сегмент, во општествениот живот на нашата Татковина.
Затоа, искажувајќи ја нашата заедничка благодарност, ја поздравуваме Одлуката на Комисијата и нашата Држава, на овој начин да се доделува годишно признание – наградата „Вељо Манчевски“ на идните заслужни дејци, кои во најразлични области на општествениот живот, ја обавувале својата професионална работа, со љубов кон работата, кон татковината и кон сите жители во неа, па и кон оние кои свиле гнездо за подобар живот вон пазувите на својата Татковина, далеку од родното огниште.
Само така ќе го афирмираме патриотскиот дух, ако несебично вградуваме препознатлив белег на добри дела во подемот на заедничкиот живот, според Волјата на Нашиот Небесен Отец, а на радост и задоволство на сите нас, Неговите духовни чеда.
Уште еднаш благодарам!
Среда, 21 декември, 2022 година
Македонска филхармонија – Скопје