Говор на деканот на ПБФ, проф. д-р Дејан Борисов на Свечена академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
Ваше Блаженство, Митрополит Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана г.г. Стефан, почитуван г-дин м-р Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници, почитувани претставници на верските заедници, Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, почитувани гости
Уште од средновековието постои еден непишан критериум, кој вели: ако немаш автокефална црква, немаш ниту призната држава. Се додека туѓа црква е присутна во твојата држава, таа не е твоја држава, туку на оној чија е црквата. Зошто? Бидејќи поглаварот на црквата го помазува владетелот и со тоа се добива Божја потврда за легалноста и легитимитетот и на владетелот и на државата. А зошто пак е ова важно? Бидејќи европските држави и европската култура се изградени според Христовото учење, според христијанската етика и норми. Почитувањето на овој непишан средновековен критериум и нераскинливата врска меѓу државата и црквата го гледаме и во XIX, и во XX век при создавањето на новите балкански и отадедунавски европски држави и цркви.
Во Втората световна војна Македонците се борат за да се ослободат од непоканетите соседи и нивните религиозни институции и да создадат своја сопствена држава. Да потсетиме дека по укинувањето на Охридската архиепископија па се до оваа војна, туѓи цркви работеле низ Македонија за туѓи интереси, за туѓи држави. Водачите на Народноослободителната војска и на Партизанските одреди на Македонија свесни за овој средновековен критериум и за улогата на христијанството во изградбата на едно здраво општество, по капитулацијата на Италија и повлекувањето на албанските балисти формирале Верско поверенство и на 15 октомври 1943 година, командантот Михајло Апостолски ја издал следнава, наредба:
„Со оваа наредба се поставува за верски референт при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија Вељо Т. Манчевски, свештеник од градот Дебар.
Сите наредби и решенија кои ги донесува верскиот референт при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија, се задолжителни за свештениците и црковни општини, како и за манастирите на ослободената територија.
15 октомври 1943 година Командант
положај Михајло Апостолски“
Ние, историчарите, сакаме да посочуваме датуми и документи. Па така, според мое видување, ако ви треба историски конкретен датум кога започнало конечно да се одмотува клопчето за создавањето на македонска држава и македонска православна црква, како единствена наследничка на Охридската архиепископија, ова е тој – 15 октомври 1943 година. Ова е документот.
Во контекст на претходно споменатиот средновековен критериум, ова е првото опипливо камче во темелите на современата македонска држава и на обновената Охридска архиепископија. Набрзо по оваа наредба, во селото Издеглавје, Дебарца, се одржал Првиот собор на македонското православно свештенство на слободна македонска територија на кое бил поставен темелот за обновата на Охридската архиепископија и за организацијата на црквата на ослободените територии.
Во првата наредба на верскиот повереник Вељо Манчевски до свештениците во Македонија меѓу останатото јасно, се наредува: „Матичните и други книги да се водат на македонски јазик“. Уште немало држава Македонија, уште не се случил АСНОМ, уште не бил официјално кодифициран македонскиот јазик, па сепак од октомври 1943 година сите црковни матични и други книги во македонските цркви се водат на македонски јазик, а македонскиот јазик е сврзното ткиво на Македонија.
Ова Верско поверенство подоцна ќе прерасне во Верска комисија при Извршниот совет на Народна Република Македонија, а денес е Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи. Таа е орган на државата, но ќе повториме, постоење е нераскинливо поврзано и со темелите на државата Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Почитуван претседател на Комисијата г-дин м-р Даријан Сотировски односите и соработката меѓу Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје секогаш биле на завидно ниво, се надеваме дека во иднина истите ќе продолжат и уште повеќе ќе зачестат и ќе се продлабочат.
Нека е честит јубилејот осум децении од формирањето на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.