Денеска, во просториите на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, се одржа работна средба со делегација на Стејт Департментот на САД, предводена од Вишиот советник за верски слободи, г-дин Мајкл Дозлер .
Денеска, во просториите на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, се одржа работна средба со делегација на Стејт Департментот на САД, предводена од Вишиот советник за верски слободи, г-дин Мајкл Дозлер .
Средбата беше дел од пошироката политика на Соединетите Американски Држави за следење и унапредување на верските слободи на глобално ниво. Во отворена и конструктивна атмосфера се разговараше за уставната и законската рамка за слободата на вероисповед, постапката за регистрација на верски заедници и религиозни групи, прашања поврзани со реституцијата на верскиот имот, улогата на Комисијата во постапките за престој на странски верски лица, како и состојбата со меѓурелигискиот дијалог и институционалната соработка.
Директорката на Комисијата, г-ѓа Оливера Трајковска, даде сеопфатен осврт на законската поставеност и практичната примена, нагласувајќи дека Уставот гарантира слобода на вероисповед и еднаков третман на сите верски субјекти. Беше истакнато дека во државата се регистрирани 46 верски субјекти и дека институциите постапуваат согласно принципот на одвоеност на државата и верските заедници.
Посебен акцент беше ставен на високото ниво на меѓурелигиски дијалог, како и на редовните формални и неформални средби со верските лидери, поддршката на хуманитарни и културни иницијативи и конструктивната соработка со ресорните министерства.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошна комуникација и зајакнување на соработката во областа на верските слободи и унапредување на меѓународниот дијалог.
На крајот од средбата, директорката му врачи репрезентативен подарок на г-дин Мајкл Дозлер; икона „Свети Нектариј“ и книгата „Охридските пораки за мир и соживот“; како симбол на почит и пријателство.