Ви благодарам од срце и се надевам на понатамошна соработка со сите вас.
Почитувани, дозволете ми, во рамки на благодарствениот дел, кој посебно го љубам, покрај поздравот, да изразам искрена и длабока благодарност до сите вас за вашето присуство вечерва, а особено за соработката што ја имавме во текот на 2025 година.
Сакам лично да се заблагодарам на Неговото Блаженство г.г. Стефан, на Реис-ул-улема ефенди Шаќир Фетаи, на суперинтендентот Марјан Димов, на претседателот на Еврејската заедница г. Пепо Леви, на Неговото Превозвишенство монсињор Киро Стојанов, на нашата почитувана претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, на вицепремиерот г. Љупчо Димовски, како и на сите вас што доаѓате од државните институции и од верските заедници и религиозните групи. Ви благодарам затоа што секогаш бевте подготвени за конструктивна соработка, со заедничка цел – да шириме мир, љубов и толеранција во Македонија.
Живееме во време на сериозни предизвици. Под влијание на глобалните текови, човештвото се соочува со вистинска закана. И тоа нè тера да се запрашаме – зошто?
Се идентификувавме со титули, со политика, со верски припадности, но не секогаш во позитивна смисла. И токму тоа, на моменти, нè доведе до тоа да ја изгубиме најважната титула – титулата човек.
Затоа сите ние треба искрено да се запрашаме: што правиме? Дали со своите постапки го водиме човештвото напред, или, идентификувајќи се со префиксите што ги носиме во даден момент, забораваме на суштината – на човечноста?
Како претставници на државните институции и како верски лидери, имаме огромна обврска кон младите генерации. Обврска да им оставиме вистински вредности. Сега, повеќе од кога било, е време да се вратиме кон моралните норми – да ги возобновиме добрината, љубовта, почитта и смирението, и сето тоа да го применуваме во нашите меѓусебни односи.
Бидејќи, како што вели поговорката, промената започнува од нас самите, а потоа се пренесува и во општеството. Во моментот кога ние ќе станеме жив пример за моралната норма, кога ќе сведочиме за љубовта, вистината, почитта, добрината, толеранцијата и мирот – тогаш светот навистина ќе стане поубаво место за живеење.
Тогаш ќе исчезнат поделбите. Ќе исчезнат пречките што нè разделуваат – политички, национални, верски. Затоа што на крајот на краиштата, сите припаѓаме на една категорија – луѓе. Тоа е почетната точка и кон неа треба постојано да се враќаме, без разлика на функциите што ги извршуваме.
Мораме да постигнеме рамнотежа меѓу општествениот и духовниот живот. Затоа што човекот кој духовно не е исполнет, често само механички ја извршува својата функција. Но кога човекот ќе достигне духовна зрелост, тогаш може да биде светило во темнината на современото општество во кое сите живееме.
Иако понекогаш се препуштаме на чувството дека сме немоќни, јас верувам дека не сме. Тоа го видов и во текот на оваа 2025 година. Видов колку верските лидери имаат сила да ги отворат срцата на верниците.
Со само една проповед може да се допре до најчистите детски срца, но и до срцата на нас возрасните. Така љубовта се шири во димензии што на крајот нè сплотуваат во едно.
Посакувам и во иднина да продолжиме со оваа конструктивна соработка. Комисијата секогаш е сервисно ориентирана кон верските заедници, но истовремено претставува и мост меѓу државата и верските заедници, и ќе остане доследна на таа своја улога.
Посакувам да продолжиме да бидеме позитивен пример, затоа што лично сведочам дека во Македонија верските лидери се почитуваат со љубов – нешто што е навистина реткост. Тоа го гледам на секоја нивна меѓусебна средба, на секоја заедничка активност и на секое верско празнување.
Ви благодарам за поддршката и довербата што ми ја укажавте. Свесна сум дека функциите се менливи и минливи, но ако човек ја изгуби најважната титула – титулата човек – тогаш и самото раководење ја губи својата смисла.
Ви благодарам од срце и се надевам на понатамошна соработка со сите вас.