Во периодот од 05 - 07 септември 2025 година се одржа тридневна научна конференција "Балкански монашки светови" на тема "Балкански монашки светови - Дијалози за монаштвото, теологија и култура", организирана од страна на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот богословски факултет во Белград.
ТРИДНЕВНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА „БАЛКАНСКИ МОНАШКИ СВЕТОВИ“
Во периодот од 05 - 07 септември 2025 година се одржа тридневна научна конференција "Балкански монашки светови" на тема "Балкански монашки светови - Дијалози за монаштвото, теологија и култура", организирана од страна на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот богословски факултет во Белград.
Отварањето на конференцијата беше во манастирот Св.Леонтиј во Водоча, на кое свое поздравно обраќање имаше викарниот Епископ Стобиски г. Јаков- претседател на Институтот „Наследство на пустината“, а поздравни слова испратија и Неговата светост, патријархот српски г. Порфириј и Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.
На свеченото отворање свое излагање имаше Митрополитот Струмички г. Наум на тема „Исихазмот како предание на внатрешно, царско и есхатолошко свештенство“.
Вториот ден од Научната конференција започна со Света Божествена Литургија која ја отслужи Архимандритот Агатон во манастирот Свети Антониј Велики и Свети вмч. Георгиј Победоносец во Ново Село.
Во работниот дел се одржаа три работни сесии, во чии рамки свои излагања имаа:
Митрополитот крушевачки проф. д-р Давид на тема „Умно- срдечна молитва“, Митрополитот дебарско- кичевски проф. д-р Георгиј на тема „Молитвата како подвиг: Аскетската димензија во делата на Свети Климент Охридски“, протопрезвитер- ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ на тема „Литургиската реформа на патрихархот Филотеј Кокинос и исихастичкото движење во Србија во втората половина на 14 век", протопрезвитерот проф. д-р Зоран Ранковиќ и презвитерот доц. д-р Драган Каран зборуваа на тема „Значењето на исихазмот за современата пастирска служба“, Епископот хераклејски м-р Климент на тема „Траги на исихазмот во натписите на зрзеските свитоци од 14 век“, Епископот моравички д-р Тихон, „Отечкото богословие во Студеничкиот типик- идентификација и анализа на патристичките извори“.Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков зборуваше за „Подвигот на трезвеноумие како восход до боговидение во богословската мисла на старец Емилијан Симонопетриски, додека пак протоѓаконот проф. д-р Златко Матиќ имаше предавање на тема „Богословските претпоставки на христијанскиот етос во опусот на Григориј Палама: посебен осврт на Декалог по Христа.
На тема „Глави за искушенијата и неволните жалости и користа од нив- аскетската теологија на архиепископот Лав Охридски“ зборуваше доц. д-р Виктор Недески, Архимандрит Данило: Женското монаштво на Балканот од 13 до 17 век- анализа на словенските ракописни извори“.
На третиот ден од конференцијата во манастирот на Свети Леонтиј Струмички во Водоча беше отслужена Света Божествена Литургија, на која началствуваше Митрополитот крушевачки г. Давид во сослужение на надлежниот архиереј, Митрополитот струмички г. Наум, Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј и преосветените Епископи, моравички г. Тихон, хераклејски г. Климент и стобиски г. Јаков како и свештенството и монаштвото на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија и на Српската православна црква.
На Литургијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, директорката на КОВЗРГ, Оливера Трајковска, кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Петар Јанков, пратеникот Петар Марков, советници и претставници на политичкиот и општествен живот.
По Литургијата се одржа тркалезна маса на тема „Гласот на пустината во современата теологија: Исихастичката мисла и отечкото предание во дијалогот со современото богословие", на која модератор беше протопрезвитер- ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи беше дел од Научната конференција и ја изрази својата сестрана поддршка за нововоспоставената соработка и верува дека овој зародиш допрва ќе изникне во едно велелепно дело.