Во богатиот мозаик на македонската културна ризница важно место завзема и исламската уметност. Таа претставува неисцрпно мултикултурно и религиозно богатство со универзална вредност.
Почетоците на исламската уметност датираат од VII век на Арапскиот Полуостров. Нејзини носители биле Арапите. Таа брзо се проширила преку Азија во Африка, а потоа и во Европа. Исламската уметност најмногу се поврзува со архитектурата на верски и јавни градби, какои декорација на внатрешни и надворешни ѕидови на објекти, додека сликарството се среќава при украсувањето на книги. Исламските уметници станале познати и по украсувањето на керамика, метали и други корисни предмети. Тие работеле главно со месинг, глина и дрво. Друга важна карактеристика на исламската уметност е употребата на калиграфијата, односно краснописот.
Подемот на исламското културно-уметничко наследство во Македонија започнува во XIV век со доаѓањето на Османлиите на овие простори. Османлиската административна управа вовела значајни организациски промени во различни сегменти од животот на луѓето. Турците-Османлии во голема мера придонеле за создавање на уметност со богати исламски мотиви која најмногу била сконцентрирана во градовите: Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Штип, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Струмица и Велес.
Во овие градови биле изградени многу сакрални и профани градби. Во сакралната архитектураа спаѓаат: џамии, медреси и турбиња, додека во профаната архитектура спаѓаат: караван-сараи, анови, амами, гостилници, саат-кули и безистени. Истите биле лоцирани во централните делови на градовите или во чаршиите. За познатите чаршии: Скопската, Охридската, Прилепската и Битолската чаршија пишувале многу познати личности и светски патеписци. Меѓу зачуваните најважни архитектонски споменици од исламската архитектура во Скопје се: џамијата на Султан Мурат Втори, наречена Хункар-џамија, изградена 1436 година, подоцна обновувана; Исак-бегова џамија, наречена Алаџа-џамија (1438); Иса бегова џамија (1475), која со своите две куполи потсетува на џамиите во Бруса; Мустафа-пашина џамија (1492), со трем обложен во мермер; Јахја-пашина џамија (1506), со богато обработен портал. Потоа, неколку џамии во Битола: Исак-бегова во Битола (1508), Хајдар-кадија (1561г.) и Јени-џамија (1558), адаптирана во уметничка галерија. Во Тетово е најпозната Шарената џамија од 1495 година, обновена во 1785 година, а во Струга „Мустафа Челеби џамијата“, споменично добро од шеснаесеттиот век, како и многу други низ наша држава, кои сведочат за богатата исламска уметност.
Покрај исламската архитектура, и применетата уметност во османлискиот период била мошне развиена. Интензивна е уметничката обработка на металот, која се истакнува со богатство на украсот. Се работело во злато, сребро, бакар и бронза во разни техники. Предметите биле гравирани со орнаментика од исламско потекло, главно со стилизирани растителни мотиви, доста прецизно изведени. Изработувани биле разновидни предмети за домаќинството. Изработувани биле и накит, оружје и разни предмети во филигран. Со овие уметнички занаети - златарски, кујунџиски, се занимаваале и домашни мајтори, што се дознава од потписите на предметите. Најзначајни работилници имало во Кратово, Прилеп, Битола, Скопје, Охрид и Штип.
Кога станува збор за исламската уметност, нејзин нераздвоен дел е и духовната музика, која се гаела и на македонските простори.