По повод 30-годишнината од блаженото упокојување на Архиепископот Гаврил (Милошев), третиот поглавар на возобновената Македонска православна црква – Охридска архиепископија, се потсетуваме на неговиот исклучителен придонес во македонската црковна, просветна и културна историја.
По повод 30-годишнината од блаженото упокојување на Архиепископот Гаврил (Милошев), третиот поглавар на возобновената Македонска православна црква – Охридска архиепископија, се потсетуваме на неговиот исклучителен придонес во македонската црковна, просветна и културна историја.
Архиепископот Гаврил е роден на 17 април 1912 година во Скопје, во православното семејство на Никола и Евдокија. Основното образование и гимназија ги завршил во родниот град, а во 1936 година дипломирал германистика и славистика на Филозофскиот факултет. Истата година започнал да работи како професор во Државната трговска академија во Скопје, а подоцна предавал во Битола, Велес, Ваљево и други градови.
Во 1942 година, на празникот на Свети Антониј, во црквата „Св. Спас“ во Скопје бил ракоположен во ѓаконски чин, а следниот ден во свештенички чин во црквата „Св. Константин и Елена“. Потоа бил поставен за парохиски свештеник во Велес. Во 1945 година учествувал на Првиот црковно-народен собор во Скопје, на кој била донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија и создавање самостојна Македонска православна црква.
Покрај духовната служба, развил богата просветна, учебникарска и преведувачка дејност. Работел на одговорни должности во повеќе државни просветни институции, а бил и прв претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, стекнувајќи го епитетот „Основоположник на литературниот превод во Македонија“.
Неговото најзначајно книжевно дело е преводот на Светото писмо – Библијата на современ македонски литературен јазик, за што во 1990 година ја добил наградата „Златно перо“ од Друштвото на литературните преведувачи на Македонија. За својата дејност бил одликуван со Орденот на трудот со златен венец, како и со бројни други награди и признанија.
Кон крајот на 1977 година, како овдовен свештеник, бил замонашен и избран за митрополит Повардарски. На 24 декември 1977 година бил хиротонисан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Чаир, а од 1 јануари 1978 година раководел со Повардарската епархија. Бил и прв декан на Православниот богословски факултет во Скопје.
На 4 октомври 1986 година, на Изборниот црковно-народен собор во храмот „Св. Софија“ во Охрид, бил избран за трет поглавар на Македонската православна црква. Следниот ден бил востоличен на архиепископскиот трон во црквата „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
За време на неговото архиепископско служење била издадена Библијата на современ македонски јазик, бил изграден и осветен Соборниот архиепископски храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а биле обновени повеќе цркви во Повардарската и Скопската епархија.
По негова иницијатива започнала изградбата на монументалната манастирска црква „Св. Наум Охридски“ во Радишани, каде што, според неговиот аманет, се наоѓа и неговото вечно почивалиште.
На 10 ноември 2026 година, со почеток во 10:30 часот, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Радишани, ќе се одржи свечено осветување на музејската поставка посветена на Архиепископот Гаврил, во која ќе бидат претставени негови лични предмети и сведоштва за неговиот живот и дело.
Свеченоста ќе започне со панихида отслужена од Неговото Блаженство, Архиепископот г.г. Стефан, по што ќе следи свечено отварање и осветување на музејска поставка, како и пригодни обраќања на директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г-ѓа Оливера Трајковска и Неговото Блаженство г.г. Стефан.
Со оваа музејска поставка која е активност во рамки на Годишната програма на Собранието за одбележување на јубилеји, се оддава трајна почит кон духовното, просветното и културното наследство на Архиепископот Гаврил, чие име останува запишано во историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Нека му е вечна слава и благодарност!