Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска испрати честитка до Митрополитот брегалнички г. Иларион по повод неговиот јубилеј: 30 години од замонашувањето.
Директорката на Комисијата односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска упати честитка до Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот брегалнички г. Иларион по повод триесет годишнината од неговото замонашување.
Високопреосветен владико,
Дозволете да Ви го честитам триесет годишниот монашки подвиг и да Ви посакам долговечни монашки денови.
Ја користам оваа прилика од мое лично име и од името на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како нејзин директор да Ви се заблагодарам затоа што 30 години го крепите монаштвото, затоа што 30 години се молите за верниот македонски народ, затоа што 30 години сте поткрепа на секој болен, на секој затвореник, како и на секој оној, кој што има потреба од Божјата помош и закрила. Му благодарам на Бога и за сите молитви, кои што досега сте ги искажале за секој еден човек.
Ние христијаните треба да го почитуваме она што апостолот Павле ни го даде како завет: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“ (1 Кор. 13,1). Продолжете како и досега и понатаму да бидете пример во ширењето на љубовта и добрите дела.
Бог нека Ви ги умножува силите, молитвите и благодатта – за да верно уште долги години Му служите на Бога и на нашиот македонски народ.
Нека Ви е за многу години овој значаен јубилеј!