Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, во периодот од 25 јули до 15 август 2026 година, престојуваше на службено патување во Соединетите Американски Држави, каде учествуваше на Меѓународната програма за лидерство (International Visitor Leadership Program – IVLP) „We the People: Religious Freedom“, во организација на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, во периодот од 25 јули до 15 август 2026 година, престојуваше на службено патување во Соединетите Американски Држави, каде учествуваше на Меѓународната програма за лидерство (International Visitor Leadership Program – IVLP) „We the People: Religious Freedom“, во организација на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.
Учеството на директорката Трајковска на програмата беше овозможено по номинација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија.
Тринеделната програма се реализираше во повеќе градови и сојузни држави во САД: Вашингтон, Дистрикт Колумбија; Филаделфија, Пенсилванија; Милвоки, Висконсин; Ајова Сити, Ајова и Феникс, Аризона.
Во програмата учествуваа претставници од 17 земји од светот, меѓу кои: Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Кипар, Египет, Гана, Кенија, Малезија, Монголија, Кина, Филипини, Романија, Судан, Тунис и Украина. Учесниците беа претставници на различни општествени сфери – министри, директори на институции, дипломати, верски претставници, новинари, истражувачи, универзитетски професори, советници и адвокати.
Централна тема на програмата беше правото на слобода на вероисповед, неговата институционална и законска заштита, како и размената на искуства и добри практики во обезбедувањето еднаков пристап и почитување на верските права. Учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со американскиот систем за заштита на верските слободи и со улогата на државните институции, академската заедница и граѓанскиот сектор во нивното унапредување.
Во текот на трите недели беа реализирани 26 работни состаноци, две панел-дискусии, како и посети на верски објекти и културно-историски споменици. Во рамките на работните средби беа остварени контакти со претставници на институции и комисии кои работат во областа на меѓународната верска слобода, институти и универзитети, полициски оддели и граѓански организации.
Средбите овозможија размена на ставови за современите предизвици во областа на верските права и слободи, презентирање на добри практики, како и воспоставување нови професионални контакти и можности за идна меѓународна соработка.
Посебно признание за директорката Трајковска претставуваше изборот за модератор на една од панел-дискусиите посветени на верските права и слободи, што воедно претставуваше можност за активно претставување на искуствата и пристапите од Република Северна Македонија во оваа област.
Учеството на Меѓународната програма за лидерство придонесе кон стекнување нови знаења и искуства, размена на професионални согледувања и воспоставување контакти со претставници на институции и организации од повеќе земји во светот.
По повод учеството, директорката Трајковска изрази благодарност до Амбасадата на САД во Северна Македонија, советниците за верски права и слободи Зеус Севиља и Адриан Исмаили, како и до организаторите и учесниците на програмата за укажаната доверба и можноста за професионална размена и соработка.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи останува посветена на унапредувањето и заштитата на верските права и слободи, еднаквиот пристап кон сите верски заедници и религиозни групи, меѓурелигискиот дијалог и градењето општество без предрасуди и дискриминација, во кое секој граѓанин непречено и неприкосновено ќе го остварува своето законско право на слобода на вероисповед.