Директорот на КОВЗРГ, г-дин Даријан Сотировски побара овозможување на правото на закоп во семејна гробница во Тетови и Гостивар.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски побара овозможување на правото на закоп во семејна гробница во Тетови и Гостивар.
Во известувањето од директорот Сотировски се вели:
Како тетовчанец со споделена загриженост денес разговарав со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кого го информирав дека од нашата проверка околу закопот на починатите од Ковид 19 низ државата, за разлика од други градови во Тетово и Гостивар истиот се спроведува задолжително во нови гробни места, а не во семејните гробници со вековна семејна традиција. Побарав од министерот кој е надлежен за ова прашање рамноправен третман и ревидирање на истото.
Министерот ме информираше дека таква одлука не е донесена и дека со почитување на протоколите за заштита погребалниот оператор може да го изврши закопот во семејниот гроб.
Министерството преку надлежниот инспекторат ќе бара од операторите да го овозможат ова право на граѓаните бидејќи се стекнале со лиценца, која покрај права, подразбира и обврски. Изразувам благодарност на министерот за разбирањето.
Денес испратив Претставка и до Државниот комунален инспекторат и до Министерството за транспорт и врски со кои барам итно постапување.
На разговорот претходеше писмено барање за преиспитување на ова прашање кое на 4 ноември го испратив до Главниот координативен кризен штаб на Владата, како и проверка во повеќе градови на состојбата и консултации со свештенослужители кои вршат закоп.
Сметам дека траумите кои ги поминуваат семејствата се секако големи, па закоп на член на семејството на друго место во услови на изолирани посмртни останки со адекватен материјал е непотребно и предизвикува дополнителна вознемиреност.