Говор на Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана прва г. г. Стефан на Свечена академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
Историјата на нашиот народ е историја на богољубие и црквољубие, на испреплетеност помеѓу нашата национална ‒ македонска и религиозна ‒ христијанска припадност и идентификација.
Познато е дека еден Македонец којшто се сретнува во Делата Апостолски му се јавил на светиот апостол Павле токму за да испроси ширење на христијанството во Македонија! И токму тоа негово: Дојди во Македонија и помогни ни![1] го чини семето на христијанството што се посеало по македонската земја уште во апостолско време.
А и нашата писменост е недвојливо сврзана со христијанството! Имено, преминот на словенофонските народи од предисториско во историско време, е овозможен токму преку создавањето на писмо на кое ќе се слови за Словото и преку кое ќе се овозможи соборно прославување на Бога!
Верата и нацијата наши ни се најтесно сврзани и во сите премрежија низ историјата. Во миговите кога и самиот опстој на народот е доведуван во прашање, токму Црквата истапувала како пазител на нашата посебност, токму таа и само таа преку своите домородни пастири и црнорисци му давала на народот утеха и поткрепа. Така било и додека институционално сме ја имале нашата славна и древна Охридска Архиепископија, а така останало и откако нејзината дејност била неканонски забранета. Имено, и кога престанала да постои Охридската столица, црковните дејци се тие коишто ја носеле македонската преродба, а неретко свештеници и богослови се во првите редови на востанијата за слобода на Татковината, а црковните камбани, пак, некогаш ги обзнанувале почетоците и на востанијата или давале знак за потребна будност пред некоја можна опасност од туѓинци!
И така, и во времето на Народноослободителната борба, водачите на Главниот штаб на нашата војска, иако, можеби, самите не биле доволно воцрковени, сепак, знаејќи ја оддаденоста на својот народ кон прадедовската вера и кон Црквата, биле свесни дека создавањето на македонската држава треба да оди рака под рака и со обновувањето на Охридската Архиепископија!
И кога во септември 1943 година, Народноослободителното движење успеало да создаде ослободена македонска територија на западниот дел од нашата денешна држава, меѓу првите преземени мерки биле оние за институционално уредување на верскиот живот. За таа цел, на 11 октомври 1943 година било создадено Верско поверенство, а неколку дена подоцна за негов прв референт за верски прашања бил назначен свештеникот Вељо Манчевски, припадник на Антифашистичкото движење. И токму ова новосоздадено тело било она коешто имало ингеренции да свика Црковно собрание, што и го направило, закажувајќи го Првото свештеничко собрание, на 21 октомври 1943 година, во село Издеглавје, во Дебарца. Таму, пак, собраните 11 свештеници на првоослободената територија во Македонија, јасно и изречно ја отфрлиле секоја другонародна црковна власт и започнале да го уредуваат возобнувањето на црковниот живот, донесувајќи ги првите одлуки за формирање на намесништва и парохии.
Потоа, токму врз основа на ова Свештеничко собрание, свикано од Верското поверенство, станало можно, откако била ослободена целата Вардарска Македонија, да се одржат сите следни особено значајни собори на нашата Света Црква:
‒ Првиот македонски црковно-народен собор, одржан во Скопје на 4 и 5 март 1945 година, на кој е донесена едногласна Резолуција да се обнови Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна национална Православна Црква;
‒ Вториот македонски црковно-народен собор, одржан во црквата „Света Софија“ во Охрид, на кој била донесена Одлука за обновување на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква и за нејзин прв Поглавар, со титулата Архиепископ Охридски, бил избран тогашниот Епископ Топлички Доситеј, викар на Српскиот Патријарх, по потекло од Маврово.
‒ Третиот македонски црковно-народен собор, одржан на 17 и 18 јули 1967 година, повторно во „Света Софија“ во Охрид, на кој соборјаните: петочлениот Синод ‒ Архиепископот Доситеј, Митрополитите Климент, Наум, Методиј и Кирил, бројно свештенство и претставници на мирјаните, ја донеле велерадосната Одлука, со која се прогласува автокефалноста на Македонската Православна Црква, како наследничка на славната Охридска Архиепископија!
Ете, тоа Верското поверенство, организирано во екот на Втората светска војна, пред 80 години, покажало дека малку квас го потквасува целото тесто[2], како што вели светиот апостол Павле.
Токму таа свесност на членовите на Генералштабот за потребата од основање на Верското поверенство, телото чијшто наследник е нашата денешна Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, било она што ја дало иницијативната идеја за процесите за враќањето на нашата црковна автокефалност и за одбивањето на сечии надворешни национални пропаганди! Денот 11 октомври 1943 година треба да го помниме и да го чествуваме сите! Како што две години претходно на истиот датум во 1941 година биле испукани првите истрели против фашистичките окупатори, така и тој, втор 11 октомври од 1943 година претставува своевидно метафорично истрелување на истрели против црковните и народните окупатори!
Ете, тоа Верско поверенство, создадено во текот на Втората светска војна, по ослободувањето ја продолжило својата дејност и денеска постои и со успех работи како Комисија за верски односи со Црквата, верските заедници и религиозните групи во Република Македонија.
Затоа, Бог да ги прости и нека им е вечен споменот на организаторите и дејателите на Верското поверенство, а ние, и како Црква и како народ, да го зачуваме сето она за коешто тие се залагале и за коешто се бореле и се избориле!