Говор на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), м-р Даријан Сотировски на Свечена академија по повод „80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија (1943-2023)“.
Ваше Блаженство,
Ваши Високипреосвештенствa,
Почитувани поглавари, претседатели и одговорни лица на верските заедници,
Почитувани носители на јавни функции,
Почитуванi претставници на Сојузот на броците од НОБ
Почитуван декани, професори и просветни работници,
Драги гости,
Во текот на годината има мноштво одбележувања во јавноста на многу значајни денови, на државните празници, верските празници, се собираме за меморијални и јубилејни денови. Секој од нив заслужува да биде одбележуван во полна радост и со вистинско чувство од секој еден човек, од секој граѓанин, но и од оние кои се најповикани да ги организараат таквите чествувања. Често пати, ме загрижува помислата дека остануваат значајни знајни, а не одбележани, а и такви веќе незнајни за нашата генерација личности и настани, кои остануваат неодбележани, не празнувани. Дури и се присутната глобална тенденција за пресметување со слободниот историографски приод, создава чувство кај современиот човек дека гледањето наназад е само по себе ретроградно. Но, не е така. Гледањето наназад е всушност гледање далеку напред. Историјата најчесто се повторува. Но, дури и да не се повтори од што ли еден народ ги црпи своите идеали, вредности и стремежи за иднината освен од своето минато. Еден народ не може да црпи елан и мотив од туѓо минато, или нечии туѓи вредности или идеали, па колку и да се напредни, или ќе ги црпи од себе, или ќе биде народ без елан, без сила, без сјај.
Денес почитувани, тука сме да одбележиме еден од таа низа која што ја споменав на настани и личности чие значење е темелно, а не продираат до широката општа јавност. Како Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи изминатиот период во поставувањето на структурата на нашето делување во иднината честопати се навраќавме назад, за да ја задржиме изворната вредност за соодветно служење на Република Македонија. Сметам дека асномските идеали, погледи и достигнувања, се рамката во која треба секоја македонска институција да го пронајде изворот на вистинската своја служба. Созреаната свесност за постоење на државнички институции ќе ја увидиме тогаш кога ќе биде видлив еден спонтан и природен процес на Асномизација на секоја државна институција.
Почитувани,
Токму при народноослободителното и антифашистичко движење и борба на македонскиот народ и народностите еруптира вековно акумулираната македонска жед за современа државност и независност, после векови на туѓи власти, окупации, асимилации и пропаганди, жед која се угаси во кулминацијата на македонската пролет со државотворниот АСНОМ.
Борбата за државност, сувереност и независност, беше и борба за вистинска слобода, за повторно исправање, за вистински развој. Народот инспириран од далечните горди времиња, но и од идеалите на за жал неуспешните борби на своите претци едногласно кажа големо ДА за слободна и независна Македонија. Токму во овие времиња на пожртвувана и херојска војна, се создаде и првата слободена територија каде се конституирала и првата ефективна македонска власт, раководена од Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија. Токму тука предводени од великанот на македонската историја Генералот Михајло Апостолски партизаните започнаа да го копаат темелот, на она што денешната генерација треба да го сочува, да го негува и развива, а предизвиците од обидите за разрушување на овој свет темел, да ги прифатат со достоинство во својата лична и колективна борба, а не со слабост во прифаќањето и предавање кон апатичност.
Но, нема слобода, која би била само политичка, ако не е и културна, јазична, економска и црковна. Исто како што во слободна земја црквата инспирира и дава вредносен спектар за растење, исто така во услови на окупација се покажало дека таа може да биде и репресивен и асимилаторски инструмент на пропагандите. Генерално верското чувство како најемотивно чувство на припадност мора да се третира како човеково право и врвна слобода, а не како инструмент на поделба и контрола. Токму затоа, пред точно 80 години на првата слободна македонска земја со одлука на Генералот Апостолски е формирано Верското поверенство при Главниот штаб, кое како Прв референт за верски прашања го раководел партизанот, асномецот и свештеникот Вељо Манчевски. Верското поверенство ги прекинува сите туѓи јурисдикции, воспоставува единство помеѓу македонското свештенство, започнува здрав меѓурелигиски однос, започнува да ги разрешува напластените проблеми и да ги уредува односите. Верското поверенство посветено работи и на народното единство и јакнењето на духот на братството помеѓу луѓето со различна верска и национална припадност, имајќи ја во предвид верата како фактор на сплотување низ вековите. Верското поверенство го свикува и Првото свештеничко собрание кое на 21 октомври 1943 година се одржало во историското Издеглавје. Токму на ова собрание е устроена новата црковна јерархија, а во отсуство на висок клир за архиерејски намесник е избран свештеникот Антим Поповски. Силниот стремеж за црковна независност почнува со овие значајни чекори во насока на обновување на нашата древна црковна катедра, неправедно и неканонски укинатата Охридска архиепископија, во лицето на Македонската православна црква, како современа помесна и национална црква на македонскиот народ и народностите.
Веднаш по ослободувањето и по формирањето на новите државни институции со ефективна власт на целата територија на Републиката, од Верското поверенство произлегува и формирањето во 1945 година на Комисијата за односи со верските заедници, предводена од првиот претседател Епаминонда Поп Андонов која до ден денес постои работејќи на различниот спектар на прашања кои се отвораат во односот на државата со црквите, верските заедници и религиозните групи,
Поминат е светол пат, кој секогаш ќе биде со златни букви испишан во нашата национална историја.
Но, секој долг пат, секогаш започнува со еден единствен чекор.
Таков чекор почитувани, е формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб.
Заблагодаруваји Ви се за Вашето присуство сакам да истакнам дека важноста на одредена епоха од историјата колку и да е јасна и позната, секогаш треба одново да се запознава, треба да се слават оние кои го создале ова денес. Нека биде вечен споменот за нив.
Благодарам.