Говор на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-дин Даријан Сотировски на Свечената академија по повод празникот Свети Климент Охридски
Почитувани,
Празнувањето на големите државни празници, како и празнувањето на големите црковни празници и општествените јубилеи, пред се е секогаш причина проникнувајќи во нијансите на безвременското значење и порака на празничниот ден, да размислуваме и да се сетиме на применливоста на истото во нашето време, на задскриените можности и на пулсот на животот, кој секогаш надминува една генерација.
Ова е Ден за нашата татковина, секој Македонец ширум светот, но и нашите браќа од христијанските земји запирајќи за момент, да изразат достојна почит, искрена благодарност и да ја утврдат одново својата молитвена посветеност кон големиот Св. Климент Охридски, нашиот закрилник, Темелот на славната и древна Охридска Архиепископија и Патронот на современата Македонска Православна Црква – Охридска архиепископија.
Почитувани,
Поранешниот македонски претседател Борис Трајковски парафразирајќи во една прилика ќе рече:
-Се си има свое време, време кога ќе се родиш и време кога ќе умреш, време кога садиш и време кога го корнеш насаденото. Време кога се плаче и време кога се смее, Време кога се тагува и време кога се игра, Време кога се прегрнуваш и време кога се одбегнуваат прегратки, Време кога се добива и кога се губи, Време кога се чува и време кога се растура, кога се сака и кога се мрази. Но сега е време за исцелување и за градење мир, ќе заклучи тогаш Претседателот.
Имајќи го ова во предвид, ќе додадам и ќе запрашам: Какво време е ова денес?
Доколку секој најде утеха, секој од нас го добие плодот на насаденото, биде во прегратка на саканите и го добие она што го сака и му е потребно, дури и да се исцели себеси, ќе биде ли доволно за ова време да речеме – ете дојде нашето време.
Не ! Нашето време не е моето, а ниту твоето време. Нашето време ќе дојде кога ќе се бориме на сите да ни биде подеднакво добро, кога ќе развиеме свест за доброто на целиот колектив, за доброто на животната средина, за општествената заедница, за државата, кога емпатијата за другиот и борбата за туѓата среќа ќе бидат наше лично правило, кога општото добро ќе ни биде цел поголема од личното добро.
Нашето време ќе се види дека дошло и кога ќе бидеме заедно во чувањето на она што е свето, безвременско, древно предание и аманет. Затоа што само кога ќе чуваме, ќе имаме сочувано!
Но, за да го постигнеме ова што изгледа како утопија која не можеме да ја достигнеме, потребен ни е дух кој издига, кој создава и кој здружува.
Е токму тука е погодно да се потсетиме на Нашиот Славен Поглавар Возобновител г.г. Доситеј, роден на денешен ден, токму во предвечерието на празникот на Свети Климент, кој во една своја беседа далечната 1960 година наведува: -„Благодарение на големиот Светиклиментов дух, македонскиот народ во минатото успеал да ја запази својата прадедовска вера, својот национален бит и култура и се она што го карактеризирало како таков“. Негови се и следните зборови: - „Само со помош на Бога и на Св. Климент може да се совлада несовладливото“!
Ете токму тука е есенцијата на славењето на овој голем празник!
Почитувани,
Изминатава година беше година на големи искушенија предизвикувани секодневно од различните видови на кризи кои го мачат секој еден човек. Но во годиниве кои доаѓаат никој од нас нема да ги памети овие страдања. Сите ќе ги паметиме моментите на голема народна радост поради исправувањето на неправдите кое започна со одлуката на мудриот и посветен Архиепископ Цариградски, на Новиот Рим и Вселенски патријарх г. Вартоломеј, кој ја прегрна во единство нашата стара духовна катедра Охридската архиепископија, со што се исполнија храмовите ширум земјава со радост и солзи во очите на верните. Братското надминување пак на несогласувањата подоцна со Српската православна црква, е и може да се утврди како начин и образец за надминување на секој конфликт во светот, особено помеѓу народите, заедниците и црквите.
Верувам и знам дека потпората која делото на Св. Климент Охридски ја имаше во годините на изолација и неправди, ќе ни биде уште повеќе потребна во идниот период на препознавање на нашата сеправославна посветеност и сочувувањето на единството.
Преку мудроста и кроткоста на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан знам дека сите ќе имаме уште многу што да научиме во перидов што е пред нас, но и да му благодариме за достоинственоста со која го чува и раководи тронот на Светиот Климент.
Почитувани,
Нека е Честит празникот посветен на Св. Климент Охридскиот Чудотворец!
За многу години!