Денешниот настан, којшто ќе го проследиме преку фасцинантниот глас на прекрасната наша Сузана Спасовска и Пелагонитиса, е можност на еден божествен начин да го доживееме моментот на обраќањето кон Бога.
Не можам да ги сокријам емоциите. Искрено, ваква најава не очекував. Не можам ништо друго да кажам освен дека му благодарам на Бога за сето ова што го имам вечерва. Дека сум благодарна на Бога затоа што денеска и овде сум со вас, затоа што денеска моментот дека сум со вас не е ништо друго освен Божја промисла.
Посетив повеќе црковни општини во нашата дијаспора и секогаш кога присуствувам на вакви настани, не можам да ги сокријам емоциите, коишто за жал кај нас во Македонија сè повеќе се губат. Ние го изгубивме заедништвото, ја изгубивме сплотеноста. Дијаспората е сè пополна, Македонија е сè попразна. За жал.
Пред да го почнам мојот говор, официјално да ги поздравам почесниот конзул Амон Бајрамовски, отец Трајче Грозданов и сите вас, драги браќа и сестри.
Денешниот настан, концертот, музичкото сведоштво „Теирем“, којшто во превод значи Извор, секое срце нека воскликнува со радост: Терирем, Терирем – кон Изворот. А Изворот е токму непресушниот Извор – Бог.
Ако кон тој Извор секојдневно воскликнуваме со радост, нашите срца ќе бидат полни, ние ќе бидеме исполнети со духовна радост и светот ќе биде едно преубаво место за живеење. Ќе го донесеме Божјото Царство овде помеѓу нас. Љубејќи се, или како што вели апостол Павле, да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што звечи или кимвал што ѕвони.
Љубовта е она што го движи светот. Љубовта нè сплотува нас во сите краишта на земјата: од Америка, преку Европа, па сè до нашата мила Македонија.
Денешниот настан, којшто ќе го проследиме преку фасцинантниот глас на прекрасната наша Сузана Спасовска и Пелагонитиса, е можност на еден божествен начин да го доживееме моментот на обраќањето кон Бога.
Сè што дише нека го фали Господа. Сè што постои знае за присутноста Божја, бидејќи Бог е сè присутен, а ние на моменти не сме ни свесни за тоа, затоа што се губиме во секојдневието, во материјализацијата и во сè она што современото живеење ни го нуди.
Денеска сите заеднички преку молитва, преку песните, да се обратиме кон Бога и да заедничариме, затоа што само на тој начин можеме да го зачуваме бетот, само на тој начин можеме да ја возобновиме љубовта и само на тој начин ќе покажеме дека со цело срце го љубиме ближниот и ќе ја исполниме една од најважните Божји заповеди: „Љуби го ближниот како себеси“.
Уште еднаш ќе се заблагодарам на Бога за можноста вечерва да сум со вас и на овие прекрасни луѓе, на Софија Суцуловска, на Бојан, на Мартина, на Горан — моите домаќини, на отец Трајче Грозданов и на сите вас.
Љубете се, љубете го Бога, затоа што тоа е единствениот начин да го спасиме човештвото, коешто за жал сè повеќе потпаѓа во канџите на злото и глобализацијата.
Ви благодарам!