СО ПРИЗНАВАЊЕТО НА АВТОКЕФАЛНОСТА НА ЦРКВАТА НИКОЈ НЕ ГУБИ, А СИТЕ ДОБИВААТ
вели Даријан Сотировски, директор на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи
На почетокот, Ве молам да објасните за нашите читатели, што всушност одлучи Синодот на СПЦ, што значи воопшто прифаќањето на автокефалниот статус на МПЦ од нивна страна? Што значи ова за статусот и третманот на МПЦ од страна на останатиот православен свет во иднина, како и за развивање на односите помеѓу земјава, Србија и останатите држави во регионот? Што значи ова за обичниот македонски православен верник на крајот на денот?
После векови на туѓа црковна власт, по укинувањето на Охридската архиепископија од османлискиот султан, македонскиот народ копнеел за своја црковна самостојност и за обновување на својата древна црковна катедра. Во македонското национално движење за осамостојување и црковната независност била особено важна за многуте генерации ајдути, комити, илинденци, преродбеници, партизани. Ваквите народни стремежи биле преточени во одлуките на Првиот и Вториот црковно народен собор низ кои е најпрво возобновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1958), а потоа и прогласена нејзината автокефалност, односно целосна црковна независност (1967).
Со оглед на тоа што за време на Кралството Југославија целокупната територија била утврдена како територија под црковна јуриздикција на Обединетата црква на Србите, Хрватите и Словенците, ваквите одлуки од македонска страна не беа прифатени од Српската православна црква, која беше на цврсто становиште дека црковно македонската територија им припаѓа ним, а ние можеме да воспоставиме само автономна власт под нивната, но не и автокефална.
Ваквиот јаз кој настана меѓу двете цркви траеше 55 години. МПЦ-ОА се развиваше и во татковината и во дијаспората, но за жал поради овој јаз беше изолирана од официјални контакти и богослужби од останатиот православен свет. Одлуката на Соборот на СПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА е историска поради тоа што го премостува конечно овој голем јаз, започнуваат да не почитуваат како рамноправни и независни и отпочнува ново поглавје во нашите меѓусебни односи.
Ова ќе овозможи на Вселенската патријаршија чист терен за формално официјализирање на автокефалниот статус, по што МПЦ-ОА ќе биде рамноправна со сите сестрински помесни цркви. На овој начин ќе се приближат православните народи и на Балканот, но и во еден поширок контекст, бидејќи овој неразумен спор правеше горчина во многу аспекти од ваквите односи во минатото.
Каде е во приказнава своевремено одметнатиот од МПЦ епископ Вранишковски, којшто пак беше признаен токму од СПЦ? Во Белград учествуваше во заедничката литургија, во Скопје не го видовме. Каков ќе биде неговиот статус сега после одлуката на СПЦ?
Тоа се прашања за црковните власти, бидејќи тие инстанци се надлежни за нивните внатрешни кадровски прашања. Државата мора да го негува чувствителното начело на секуларизам, па поради тоа не би си дозволил да прејудицирам можности за разрешување во тој домен.
Зошто според Вас токму сега дојде ова признавање од страна на СПЦ, после 55 години квалификување на МПЦ како расколничка од нивна страна? Како е дојдено до сето ова? Знаеме дека СПЦ со децении беше раководена од тврдокорна струја кога се работи за МПЦ, дали задувале нови ветришта со поставувањето на патријархот Порфириј, дека тој е поумерен во однос на овие стратешки прашања за нив како црква, и за нас, секако? Колку е сето ова дел од некоја поширока геополитичка стратегија во однос на Балканот, каде што се судираат стратешките интереси на Западот, Русија, итн.?
Сметам дека одлуката на Неговата Сесветост Вселенскиот патријарх Вартоломеј и процесот што по право на апелација го отпочна и водеше МПЦ-ОА пред првопрестолната патријаршија беше катализатор и освестување и за СПЦ. Откако на 9 мај беше донесена одлуката за признавање и отпочнување на канонско општење од страна на Вселенската патријаршија, следеше и одлуката од 24 мај на СПЦ. Важно е што во овој процес никој не губи, а сите добиваат. Доволно на Балканот се одржуваат замрзнати споровите, од тоа како што видовме никој не виде добро.
Гледаме дека претставници на владејачката партија и нивни поддржувачи деновиве го поврзуваат признавањето од СПЦ со успехот на нивната политика и сл. Колку според Вас е тоа всушност точно, дали може Владата или некој друг политички фактор да има заслуга во област што по дифолт треба да е одвоена од официјалната политика? Или сепак на крајот на денот сè e политика на Балканот, а и пошироко?
Државата посакувала разрешување на едно од најголемите прашања со кои македонската нација се соочуваше, па затоа сите генерации на носители на јавни функции биле позитивни во однос на нивната спремност да ги помогнат напорите на црквата за надминување на спорот. Автокефална црква е еден од најважните атрибути на суверена држава, па затоа ова прашање е значајно и за државата, во која најголем дел од населението се изјаснува како православно христијанско.
Вистина е дека последните години државата даде голема жртва за да отпочне ново поглавје на отвореност кон светот, на различни начини да се подобрат односите со соседите и развијат партнерствата со други сојузи и држави, со цел нашата нација да добие долгорочни придобивки. Ова беше проследено и со силна поддршка на напорите кои МПЦ-ОА ги преземаше. Координираноста на државата и црквата сигурно дека даде значаен импулс во разрешницата.
Патријархот на СПЦ изјави дека очекува сите помесни цркви да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ. Што во случај ако некоја од нив не го прифати овој статус на МПЦ?
Времето ќе покаже како ќе се развива понатаму процесот. Кога ќе биде издаден томосот за автокефалност формално ќе се потврди она што МПЦ-ОА го има и го живее повеќе од 5 децении, но овој пат тоа ќе биде препознаено од целата православна екумена. Доколку некоја помесна црква не е подготвена да го препознае тоа, мислам дека ќе го набљудува развојот на настаните и прашање на време ќе биде кога ќе се приклучи. МПЦ-ОА не е закана за никого, таа е црква која ќе придонесе за поголема толеранција и разбирање помеѓу помесните цркви, кои за жал во последно време имаат разидувања по повеќе прашања.
Вселенската патријаршија на 9 мај ја призна МПЦ за канонска и валидна во сеправославниот свет, под името Охридска архиепископија, имајќи ја на ум како област на нејзина јуриздикција, владението во границите на државата Северна Македонија. Што значи ова, како всушност ќе биде името на МПЦ во иднина? Дали постои можност по примерот на промената на државното име, да биде на крајот Охридска архиепископија – Црква на Северна Македонија, на пример?
Името кое црквата го носи на томосот за автокефалност е еклисиолошкото или црковното име на својата древна катедра. Така е со сите цркви во регионот. Нашата стара црковна катедра е Охридската архиепископија и затоа тоа е нашето еклисиолошко име. Таа е нашата многувековна историја и национална гордост, а поради народот кој во најголема мера ја црквува и државата каде егзистира таа е Македонска православна црква согласно Уставот на црквата. Синодот и Архиепископот водат сметка за националниот интерес, да веруваме дека нема причина за грижа.
Како оди процедурата на признавањето на автокефалноста, дали прво треба сите помесни цркви да ја донесат истата одлука што ја донесе СПЦ и на крајот Вселенската патријаршија да одобри автокефалност на МПЦ?
Не, тука во нашата ситуација на потег е Вселенската патријаршија.
Со оглед дека Вселенската патријаршија ја призна МПЦ за канонска и валидна во рамки на владението во границите на државата Северна Македонија, што станува со епархиите на МПЦ во странство? Знаеме дека МПЦ имаше проблеми своевремено со епархијата во Австралија и сл. Што всушност значи ова, дека епархиите на МПЦ во земјите како Канада, САД, итн., нема да бидат под јуриздикција на „новопризнатата“ МПЦ (или како и да ќе биде нејзиното име на крајот на овој процес)?
Не би сакал да прејудицирам, се’ уште за тоа прашање нема релевантни информации. Гледано теоретски и црковно, епархии во дијаспората се проблематично прашање во православието, бидејќи сите влегуваат во јуриздикција на некоја помесна православна црква. Но, во услови кога други помесни цркви имаат свои епархии за црковните општини организирани од својот верен народ, не гледам причина зошто епархиите на МПЦ-ОА би биле исклучок.
Како според Вас овие позитивни промени во статусот на МПЦ може да влијаат врз зголемување на довербата на православната јавност во Црквата и вербата во религијата воопшто, со оглед на тоа што доаѓаат нови генерации коишто се се’ помалку религиозни?
Автокефалноста е административна работа, не е духовна, но единството кое преку неа се постигнува е духовна работа. Сметам дека МПЦ-ОА преку отвореноста и интеракцијата со православната екумена ќе биде впуштена во процес на компарација и поставување на нов курс во својот развој. Ова би требало да значи и нов однос со различните групи во општеството, особено посветување кон помладите, многу теренска работа и каритативна мисија, секако и односи со јавност во склад со успешните модели на други цркви.
Како ги коментирате бизнис аспирациите на МПЦ коишто уште еднаш се потврдија со најавата за инвестирање во фотонапонски централи? Колку тоа според Вас влијае на имиџот на Црквата и генерално, довербата на верниците во неа?
Црквите, верските заедници и религиозните групи во државата имаат право на сопственост што како стварно право подразбира и право на стопанисување и располагање. Оттаму, се што како заработка ќе оствари верскиот субјект од својата сопственост или активност е сума која се реинвестира во дејноста, бидејќи станува збор за непрофитни организации. Верските субјекти имаат и свои одговорности и проблеми за кои малку се говори во јавноста, а често се соочуваат и со проблеми во финансирањето. Во секој случај зголемената транспарентност по однос на инвестициите, причините и очекувањата за истите добро би дошла во јавноста.