На 30 октомври, во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, во организација на Фондацијата „Елеуса“, се одржа книжевно-музичката вечер „Преместени хоризонти“ – вечер што ги спои тишината на духовноста и мелодијата на зборот.
На 30 октомври, во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, во организација на Фондацијата „Елеуса“, се одржа книжевно-музичката вечер „Преместени хоризонти“ – вечер што ги спои тишината на духовноста и мелодијата на зборот.
Дел од членовите на уметничкиот кружок „Кино Дирижабл“ ги претставија своите најнови уметнички остварувања:
📖 „Проникнување“ – епистоларна проза на Епископот Давид (Нинов) и проф. Синоличка Трпкова, разговор помеѓу душата и мислата,
🖋️ „Indicta Causa – осуден во отсуство“– поетски запис на Сашо Гигов Гиш, кој го отвора просторот меѓу болката и катарзата,
🎼 „Голдберг варијации“ – музички албум на Јанинка Невчева, што ја претвора тишината во молитва.
Во дел од разговорите, авторите се осврнаа и на современите дилеми на човекот во потрошувачкото општество, при што беше истакнато:
„Среќата на homo consumens-от се состои само во лажното чувство дека тој има моќ слободно да избира помеѓу безбројте и до недоглед избори. Но, токму сувенирите пред кои е исправен конзументот, го прават безлична маса помеѓу илјадници потрошувачи, кои се наоѓаат на безличните места. Конечно, конзумеризмот е феномен, кој се чини дека на луѓето им овозможува слобода на избор, но таа слобода постои само во ограничените граници на пазарот.“
Разговорот со авторите, на теми што ги поврзуваат теологијата, уметноста и човековото искуство, го водеа со голема суптилност Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева, внесувајќи топлина и длабочина во секој момент.
Со своето присуство вечерта ја збогатија Епископот стобиски г. Јаков, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г-ѓа Оливера Трајковска, свештенослужители, пријатели на уметноста и бројна публика која со особена внимание ја проследи оваа вечер на духот и убавината.
Настанот остави впечаток дека вистинската уметност не познава граници – таа ги преместува хоризонтите во нас самите, потсетувајќи дека зборот, музиката и верата секогаш се наоѓаат таму каде што човекот се осмелува да бара смисла.