На 2 ноември 2026 година, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи присуствуваше на воведната сесија од евалуациската посета на Извршната дирекција на Комитетот за борба против тероризмот при Советот за безбедност на Обединетите нации (CTED), која се одржува во Скопје од 2 до 6 ноември 2026 година.
На 2 ноември 2026 година, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи присуствуваше на воведната сесија од евалуациската посета на Извршната дирекција на Комитетот за борба против тероризмот при Советот за безбедност на Обединетите нации (CTED), која се одржува во Скопје од 2 до 6 ноември 2026 година.
На воведната сесија се обратија министерот за внатрешни работи, г. Панче Тошковски, и заменик-директорката на CTED, г-ѓа Кармен Кантор, која ја предводи делегацијата на Обединетите нации.
Посетата има особено значење бидејќи последната ваква евалуација во државата била спроведена во 2011 година, односно пред 15 години. Во изминатиот период се реализирани значајни институционални, законодавни и структурни реформи и е постигнат напредок во јакнењето на националните безбедносни капацитети, меѓуинституционалната координација и механизмите за рано препознавање, спречување и справување со насилниот екстремизам, радикализацијата и терористичките закани.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, како активна членка на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, има значајна улога во институционалната соработка, особено во делот на превенцијата на радикализацијата, поттикнувањето на меѓуверскиот дијалог, верската толеранција и заштитата на слободата на вероисповед.
Во рамките на петдневната посета, Комисијата активно ќе учествува во предвидените работни сесии, придонесувајќи кон размената на искуства, согледувањето на досегашните постигнувања и натамошното унапредување на механизмите за спречување на насилниот екстремизам и радикализацијата.
Учеството на Комисијата ја потврдува нејзината посветеност на меѓуинституционалната и меѓународната соработка, како и на градењето општество засновано врз меѓусебна почит, верска слобода, толеранција и безбедност за сите граѓани.