Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на ден 08.10.2026 година започна со спроведување на анкетно истражување на тема „Етичките норми како можност за превенција од насилство меѓу младите“.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на ден 08.10.2026 година започна со спроведување на анкетно истражување на тема „Етичките норми како можност за превенција од насилство меѓу младите“.
Во рамките на теренските активности, претставниците на Комисијата, Петар Петковски, советник, м-р Огнен Коцевски, соработник, и Бесим Мемеди, помлад соработник, ги посетија Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и Факултетот за исламски науки во Скопје.
При посетата на Православниот богословски факултет беше остварена средба со деканот, отец д-р Илче Мицевски-Игнат, како и со дел од наставниот кадар на факултетот, при што беше истакнато значењето на меѓуинституционалната соработка, зацврстена преку потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Комисијата и Факултетот. По средбата, претставниците на Комисијата го спроведоа анкетното истражување меѓу студентите.
Активностите продолжија на Факултетот за исламски науки, каде што беше остварена средба со деканот, проф. д-р Абдулџемил Несими, продеканот д-р Зибер Лата и други претставници на наставниот кадар. Во рамките на посетата беше спроведено анкетирање и меѓу студентите на оваа високообразовна институција.
Целта на истражувањето е да се согледаат ставовите и перцепциите на младите за значењето на етичките вредности и норми, како што се почитувањето, толеранцијата, емпатијата, одговорноста и солидарноста, и нивната улога во превенцијата на различните облици на насилство.
Истражувањето е дел од редовните годишни истражувачки активности на Комисијата, насочени кон испитување на јавното мислење за прашања од областа на верската сфера, етичките вредности и современите општествени предизвици.
Анкетното истражување ќе продолжи и во наредниот период, со опфаќање на други високообразовни институции и млади од различни верски заедници, со цел да се обезбеди поширок увид во ставовите на младата популација.
Комисијата изразува благодарност до раководствата, наставниот кадар и студентите на двата факултета за соработката и учеството во истражувањето.