На покана на Реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, г-ѓа Оливера Трајковска, присуствуваше на свеченоста на која на Реисот му беше врачено признание за неговиот придонес во градењето на меѓурелигискиот дијалог. Признанието го додели д-р Дастин Плантхолт – основач и главен AI офицер, поранешен новинар во Ватикан.
На покана на Реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, г-ѓа Оливера Трајковска, присуствуваше на свеченоста на која на Реисот му беше врачено признание за неговиот придонес во градењето на меѓурелигискиот дијалог. Признанието го додели д-р Дастин Плантхолт – основач и главен AI офицер, поранешен новинар во Ватикан.
Во рамки на настанот, директорката имаше свое обраќање, кое го пренесуваме во целост:
Добровечер, почитувани присутни,
Дозволете ми да ве поздравам:
На денешниов ден сакам да упатам честитки до сите вас, бидејќи повторно преку своето присуство сте обединети во името на меѓурелигискиот дијалог.
Меѓурелигискиот дијалог треба и мора да биде императив на секоја верска заедница, бидејќи тој е минатото, сегашноста, а најмногу иднината на едно мултикултурно и мултиверско општество, какво што е македонското.
Иницирањето и негувањето на меѓурелигискиот дијалог подразбира да бидеме насочени кон активна почит кон различниот од себе, разбирање, обезбедување еднакви можности за сите, борба против дискриминацијата, толеранција и континуирана отвореност кон другите, притоа вреднувајќи ја нивната култура и посебност.
Религијата, втемелена на вистинската вера и поткрепена со добри дела, може да биде оружје против војната. Многумина ќе останат вчудовидени од оваа констатација, бидејќи честопати се обидуваат религијата да ја искористат за поделби и можни конфликти. Наша обврска е да ги убедиме во спротивното: религијата може да биде оружје за мир, а не причина за употреба на оружје.
Оваа обврска ќе ја исполниме сведочејќи преку личниот пример на миротворци, кон што ќе се стремиме со сите сили. Само така ќе станеме пример за младите, за идните генерации, кои денес, повеќе од кога било, имаат потреба од вистински лидери.
Говорејќи за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските лидери и државата како активни партнери, сакам да потенцирам дека верските лидери даваат значаен придонес преку своите заложби. Почитуваниот Реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, посветено и континуирано, преку конкретни активности и иницијативи, работи на градењето на меѓурелигискиот дијалог.
Во таа насока, сакам да изразам благодарност за досегашната конструктивна соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и да потенцирам дека таа соработка ќе продолжи и во иднина со ист интензитет.
Упатувам искрени честитки за неговите достигнувања на ова поле, за умереноста и добронамерноста со која се однесува кон останатите верски заедници и за мудроста со која раководи со Исламската верска заедница.
Ви посакувам многу успех во понатамошното делување, а до сите присутни сакам да упатам една порака:
Време е сите заеднички да се обединиме во името на мирот и иднината на нашите поколенија. Поделбите нека останат во минатото, предизвиците нека ја одбележат сегашноста, а иднината нека биде парче мир под ова небо, за сите нас.