Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ македонската државна и црковна делегација учествуваше на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим. Како дел од делегацијата на манифестацијата учествуваше и Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски.
Претседателот на Владата г-дин Димитар Ковачевски и владината делегација во состав Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на Претседателот на Владата, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Митрополитот европски г. Пимен, Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф и о. Зоран Стојанов, декан на струмичката епархија на Католичката црква, денеска, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод 24 Мај – Денот за сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, како и амбасадорите на нашата земја во Ватикан и Италија Марија Ефремова и Весел Мемеди, учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим.
VIDEO
Со црковната служба, молебен во чест на Свети Кирил, началствуваше митрополитот европски Пимен, во сослужение со митрополит Јосиф, по што беше одржана беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.
Молебенот во црквата Сан Клементе во Рим, во која почиваат светите мошти на Свети Кирил, е традиционална активност во рамките на активностите на нашата земја со која секоја година се одбележува просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј.
Со одбележувањето на денешниот празник и искрената почит кон големите браќа Свети Кирил и Методиј, нашата земја го одржува континуитет на просветителската светлина која исполни една цела епоха во историјата на христијанската цивилизација.
Македонската државно-црковна делегација за време на молебенот во Рим ја дозна веста за признавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА од страна на СПЦ за време на литургиското сослужение во Скопје.