Со торжествена духовна радост и љубов во срцата, Македонската православна црковна општина „Преподобна Параскева – Петка“ во Осло ја прослави својата втора годишнина и го одбележа патрониот празник – Света Петка, празник на верата, надежта и заедништвото што ги поврзува Македонците ширум светот.
Со торжествена духовна радост и љубов во срцата, Македонската православна црковна општина „Преподобна Параскева – Петка“ во Осло ја прослави својата втора годишнина и го одбележа патрониот празник – Света Петка, празник на верата, надежта и заедништвото што ги поврзува Македонците ширум светот.
На свечената богослужба, предводена од митрополитот Европски г. Пимен во сослужение со протоереј Жарко Ѓоргиески, храмот беше исполнет со верници, љубов и благодарност. Во оваа возвишена духовна атмосфера, посебна радост донесе и присуството на г-ѓа Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на Република Македонија, како и Бискупката Сунива од Ословската митрополија.

Во своето обраќање, директорката Трајковска испрати вдахновена порака кон верниците:
„Денеска, кога Црквата го празнува споменот на преподобна Света Параскева, стоејќи пред овие мали ангели и пред вас, гледајќи ве во толкав број – срцето ми е полно. Кога ја добив поканата од вашиот претставник Владимир, ми рече: ‘Ние сме нова и мала заедница, постоиме две години.’ Но денес оваа преполна црква сведочи дека семето што било посеано на првата литургија, благодарение на митрополитот Европски г. Пимен, изникнало многукратно и ги сплотило Македонците во Норвешка.“
Таа нагласи дека заедницата, основана од неколку ентузијасти, денес е симбол на духовна сила, љубов и обединетост, и покрај сите предизвици со кои се соочува нашата татковина.
„Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во соработка со Црковната општина во Осло и Европската епархија, подготвува активности наменети за најмалите претставници на дијаспората – децата кои се мостот што ја поврзува Македонија со светот,“ рече Трајковска.
Таа со посебна емоција ја сподели својата восхитеност од топлината на ова духовно семејство. Моментот кога децата ја испеаја песната „Ој девојче“ ја опиша како трогателен чин што ќе остане длабоко врежан во нејзиното срце – гласови што одекнуваат како македонски сонца во далечна Норвешка, сведочејќи дека идентитетот живее преку верата, јазикот и традицијата.
„Бог е жив, Македонија е жива!“ – со овие зборови заврши нејзиниот говор, придружен со громогласен аплауз.

Прославата продолжи со настап на дечињата од Македонското училиште во Осло, кои внесоа радост и насмевки во храмот, потсетувајќи дека љубовта кон татковината почнува од најмладите.
Настанот заврши со трпеза на љубовта, во духот на православието и македонското гостопримство, каде верниците, свештенството и гостите споделија многу љубов, насмевки и заедништво.

Посетата на директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, се реализираше во периодот од 25 до 28 октомври 2025 година, во рамките на која беа остварени средби и договори за унапредување на соработката со македонската заедница во Норвешка.
Во наредниот период се планираат нови заеднички активности во координација со Европската епархија и МПЦО „Преподобна Параскева – Петка“, насочени кон афирмација на културниот и духовниот идентитет на македонските граѓани во дијаспората.

Временската рамка на посетата беше усогласена со планираните активности и административните процедури поврзани со патните трошоци, согласно утврдениот протокол на институцијата. Сепак, беше вечер исполнета со молитва, солзи радосници и чувство дека македонскиот дух – каде и да е – пулсира со истата сила што ја држи верата жива.

Бог е жив. Македонија е жива, а македонскиот дух – каде и да се наоѓа – продолжува да свети силно, со цврста вера, љубов и надеж.
Нека ни е за многу години празникот на Света Петка!