Говор на директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска на одбележувањето на 20 годишниот јубилеј на Митрополитот г. Пимен
Ваше Високопреосвештенство,
На овој јубилеј, 20 години од Вашето богослужење како Митрополит, се присетувам на времето кога се среќававме во некое друго својство – јас не како директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а Вие не како Митрополит Европски.
Денес, кога Ве гледам, душата ми е толку полна. Во сите храмови што имав можност да ги посетам во Европската епархија, благодарение на поканите што ги добивав од Вас, остварив многу средби со нашите верници. Секогаш го чувствувам оној емотивен момент кога одблизу ја гледам живата Христова Црква. А тоа е Ваша заслуга. Тоа е заслуга на Вашето деноноќно бдеење, на Вашите молитви, на љубовта што ја носите во срцето.
Ќе Ви подарам икона на Света Богородица Елеуса, која ќе Ве заштитува.
Сакам да Ви посакам долголетие, пламена молитва, крепко здравје и секогаш да бидете со нас, како што сте биле и досега со сите овие наши драги Македонци.
Сите го потенцираме фактот дека Македонија ни се празни, а Европа е сè пополна, како што и црквите во Европа се сè пополни со наши Македонци. Но, каде и да сме, знам дека ја носиме Македонија во срцето.
И затоа, само ќе Ви посакам: бидете живи и здрави и продолжете, како и досега, да бидете вреден сотрудник на нивата Господова.
А бидејќи бесплатно добивме, бесплатно и даваме, имам еден бесплатен подарок што секојдневно го давам од срце, а тоа е: секогаш ќе Ве имам во молитвите, како што и Вие нè имате во Вашите молитви.
Амин.