Претседателот Стево Пендаровски вечерва се обрати на предновогодишниот прием насловен „Вера посилна од секоја криза“ организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани претставници на верските заедници и религиозните групи,
Почитуван директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи,
Почитувани гости,
Драги пријатели,
Ви благодарам на честа да бидам со вас и да се обратам на новогодишниот прием организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. Се радувам што на исто место сме собрани верски поглавари и великодостојници, но и највисоките државни претставници, што испраќа недвосмислена порака дека сите сме обединети околу истите цели: мир, здравје, радост и подобар живот за сите наши граѓани.
Во годината која изминува, за жал, се соочивме со нови искушенија и со длабока светска енергетска и економска криза која има разорни ефекти врз нашата и онака кревка економија. Иако пиковите на пандемијата на Ковид-19 се зад нас и светот малку здивна од страшната пандемија која однесе толку многу животи, се случи енергетска и економска криза како резултат на руската агресија врз Украина. Овој воен конфликт, чиј крај не се гледа, иако територијално ограничен, предизвика серија кризни состојби кои се мултиплицираат и засилуваат една со друга. Сево ова негативно влијае врз нашите животи, врз нашата психа, амбиции и планови, а во исто време ја зголемува сиромаштијата и удира најтешко врз најранливите категории.
На луѓето, токму во вакви тешки времиња најмногу им треба утеха, солидарност, верба и надеж. Верските храмови се честопати местата каде што црпиме смисла и смирение. Таму се мотивираме да продолжиме понатаму и по најстрмните животни патеки. И во нормални околности, и во лошо и во арно, верата е чест придружник на многумина од нас.
Имено, во кризните ситуации е највидливо колку сме мали и немоќни и колку и како на поединци, но, и како заедница ни се потребни меѓусебната почит и разбирање. Токму затоа, сите вие кои сте секојдневно и директно вклучени во сферата на верата, имате дополнително тешка задача да пружите утеха и поткрепа, да помагате и да давате, да бидете постојано со вашите верници. Иако сме ангажирани во една друга област, ова истово, не помалку, важи и за нас политичарите кои во овие кризни времиња треба максимално посветено да работат на ублажувањето на последиците од невољите, предизвикани од човекот и постојано да бидеме со граѓаните. Како што укажува и насловот на денешниот прием – „Вера посилна од секоја криза“, ниту едно премрежие, опасност, тешкотија, криза од било каков интензитет и карактер, не можат да го уништат верувањето како фундамент на човековото постоење.
Дека не е сѐ така црно околу нас, потврдуваат и вашите активности во верската сфера во 2022 година, кога сведочевме дека верските заедници и религиозните групи и одделно и едно со други работеа посветено за реализација на своите мисии. Тоа е охрабрувачка порака која отвора нови перспективи и дава надеж за подобра иднина затоа што само со заеднички сили и солидарни можеме полесно да поминеме низ времињата на кризи и да имаме достоинствен и исполнет живот.
Почитувани,
Планирано е денешниот настан да биде збогатен со доделување на признанието „Вељо Манчевски“, кое го носи името на Првиот верски референт на Македонија од 1943 година. Со оглед дека ова највисоко годишно признание за особен придонес на правни и физички лица е штотуку востановено, и годинава за првпат се доделува, би сакал да ѝ честитам на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи за идејата.
Изборот признанието да биде именувано по една важна личност која досега не била доволно експонирана во нашата јавност несомнено заслужува безрезервна поддршка. Ја користам оваа можност на првите добитници на признанието да им честитам, изразувајќи надеж дека ќе продолжат да придонесуваат не само во рамките на верата, но и пошироко во македонското општество. Посветеноста и пожртвуваноста треба да бидат препознаени и признаени во секој сегмент од нашето живеење. Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон добитниците на признанието „Вељо Манчевски“, но и кон добитниците на сите останати признанија и награди.
Дозволете на крајот да ви посакам Новата 2023 година да ја поминете во добро здравје, во мир, исполнети со радост и среќа.
Секако ви посакувам и успех на личен и професионален план и да се гледаме само за убави работи.
Ви благодарам.