На 08.02.2026 година, во хотелот „Цар Самуил“ во Струмица, во присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, архиереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и високи гости од Република Грција и Република Србија, беше свечено промовирана книгата на Епископот Стобиски г. Јаков, посветена на духовното и богословско наследство на блажениот старец Емилијан Симонопетриски.
На промоцијата присуствуваа надлежниот Митрополит Струмички г. Наум и митрополитите Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Дебарско-кичевски г. Георгиј, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Брегалнички г. Иларион и Европски г. Пимен, епископите Делчевско-каменички г. Марко, Дремвитски г. Давид, Хераклејски г. Климент како и архимандрити, свештенството и монаштвото на МПЦ–ОА.
На настанот присуствуваше и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, заедно со пратениците Петар Марков, Ели Панова и Жан Дрвошанов, градоначалниците на Струмица, Босилово и Василево, Петар Јанков, Ристо Манчев и Славе Андонов, советници и голем број претставници на јавниот, политичкиот и општествен живот во Струмица.
Присутни беа и високи гости од Република Грција, предводени од Митрополитот на Дидимотихо, Орестијада и Суфли, г. Дамаскин, претставници на братството на манастирот Симонопетра од Света Гора и професори од Аристотеловиот универзитет во Солун, како и високи гости од Република Србија.
Книгата, која претставува магистерски труд на Преосветениот Епископ Стобиски г. Јаков, изработен и одбранет со највисоки оценки на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград, го спојува богословието и духовното искуство на старецот Емилијан Симонопетриски, согледувајќи ги низ единството на исихастичкиот и литургискиот живот, како суштинска основа на православното богопознание.
Пред присутните се обрати проф. д-р Теодорос Јангу од Теолошкиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун, кој истакна дека духовното искуство на старецот Емилијан претставува жив мост меѓу личната молитва и литургиското заедништво на Црквата, при што мистиката не е одвоена од евхаристискиот живот, туку длабоко вкоренета во него.
Промоторите проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ и протоереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ нагласија дека делото обединува клучни текови на православната теологија и сведочи за нераскинливата поврзаност меѓу духовниот подвиг, молитвата и богослужението, како и за универзалната применливост на богословието на старецот Емилијан – како за монасите, така и за христијаните во светот.
Авторот на монографијата, Епископот Стобиски г. Јаков, истакна дека за него претставува огромна чест што првото издание на новоформираниот Институт за духовно наследство ,,Наследство на пустината" е токму неговиот магистерски труд.
Настанот претставува значаен придонес за афирмација на духовната култура и современата православна богословска мисла.