На ден 28. 12. 2021 година во Македонската филхармонија се одржа најавената промоција на монографијата „Возобновителот“ - Споменица во чест на Архиепископот охридски и македонски Доситеј (1906-1981).
Во соработка со Македонската православна црква – Охридската архиепископија и Православниот богословски факултет (ПБФ) „Свети Климент Охридски“ – Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) како издавач на монографското дело „Возобновителот“ во чест на Архиепископот охридски и македонски Доситеј (1906-1981) - ја организираше промоцијата и претставувањето на посочената монографија пред пошироката јавност, која се одржа вчера (вторник, 28 декември 2021 година) на малата сала во Македонската филхармонија со почеток во 11 часот.
На промоцијата присуствуваа голем број видни гости од државните и црковните институции, меѓу кои би го истакнале присуството на Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, кој имаше и свое пригодно обраќање пред присутните. На промоцијата присуствуаа и: Бискупот на Скопската бискупија и Епарх на Струмичко-скопската епархија, монсињор Киро Стојанов, Претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев, Ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, како и Нивните високопреосвештенства, Митрополитите: преспанско-пелагониски г. Петар, повардарски г. Агатангел, европски г. Пимен, брегалнички г. Иларион, тетовско-гостиварски г. Јосиф, кумановско-осоговски г. Григориј и Митрополитот г. Јосиф, како и Неговото преосвештенство, Викарниот епископот антаниски г. Партениј, деканот на Православниот богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка г-дин Роберт Алаѓозовски, како и мнозина преставници од државните институции, професори, свештеници, студенти, богослови и почитувачи на ликот и делото на блаженоупокоениот поглавар Доситеј во чија што чест се одржа промоцијата.
Промоцијата на монографијата „Возобновителот“ издадена од страна на КОВЗРГ, а подготвена во сотрудништво со МПЦ-ОА и со ПБФ „Свети Климент Охридски“ започна со песната за Патрикот „1762 лето“ и со тропарот на патронот на МПЦ-ОА – свети Климент Охридски.
Свое воведно обраќање на почетокот на културно-уметничката програма имаше Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-дин Даријан Сотировски кој поздравувајќи ги присутните укажа на значајноста на овој настан и на монографијата, која излегува од печат по повод големиот јубилеј 30 години од обновената современа македонска државна сувереност и независност, како и по повод двојниот јубилеј на архиепископот Доситеј (115 години од неговото раѓање и 40 години од неговото упокојување), кој како Возобновител на древната и славна Охридска архиепископија веќе зазема посебно, светло место во македонскиот национален пантеон.
Прекрасни излагања и осврт на монографијата имаа почитуваните промотори, Неговото преосвештенство, викарниот Епископ хераклејски г. Климент и проф. д-р Митко Панов од Институтот за национална историја.
По промотивните излагања пред присутните се обрати и наследникот на архиепископот Доситеј на охридскиот трон - Престојателот на МПЦ-ОА, Неговото блаженство, Митрополитот скопски, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијата Прва г. г. Стефан, кој уште еднаш ја нагласи големината и делото на архиепископот Доситеј, кое заслужува траен спомен од сите верни чеда на нашата Светиклиментова црква.
Промоцијата се одржа во согласност со мерките за заштита и превенција од Коронавирусот. На крајот од овој прекрасен настан на присутните им беа поделени примероци од монографијата.
Промоцијата беше збогатена со прекрасните изведби на Хорот при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје, како и од дуетот виолини.