Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со внимание и загриженост ја прими реакцијата на Католичката црква во Македонија и на пошироката јавност во врска со недостојниот и навредлив чин со кој беше изменет муралот на Света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со внимание и загриженост ја прими реакцијата на Католичката црква во Македонија и на пошироката јавност во врска со недостојниот и навредлив чин со кој беше изменет муралот на Света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.
Како институција задолжена за унапредување на дијалогот, соживотот и заемната почит меѓу различните верски заедници во нашата држава, изразуваме жалење за овој несоодветен чин и апелираме до целата јавност на поголема внимателност и почит кон светите личности, верските симболи и духовните вредности кои се темел на нашето заедничко општествено живеење.
Света Мајка Тереза претставува универзален симбол на милосрдието, љубовта и хуманоста. Таа е личност која го надминува секое верско, национално и културно разграничување, и затоа секоја постапка што го нарушува нејзиното достоинство претставува удар врз вредностите на соживотот и меѓусебното почитување.
Воедно, сакаме да истакнеме дека слободата на уметничкото изразување е важна демократска вредност, но таа мора секогаш да оди рака под рака со почит кон верските права и чувства на сите граѓани.
Ги повикуваме сите граѓани на воздржаност, толеранција и заемна почит. Апелираме на доследно почитување на верските чувства како израз на зрелост и одговорност во едно демократско и плуралистичко општество. Ги охрабруваме надлежните институции да ја истражат оваа ситуација и да превенираат идни слични појави, а уметничката и верската заедница да продолжат да градат дијалог и заедништво во духот на вредностите што нè поврзуваат.
Комисијата останува посветена на својата улога – да биде посредник и градител на мостови помеѓу верските заедници и да го чува и унапредува принципот на соживот и почитување на различностите како темел на демократското општество.