Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до МПЦ-ОА поради упокојувањето на поранешниот Европски митрополит Горазд
По повод упокојувањето на Неговото високопреосвештенство, поранешниот митрополит Европски Горазд, Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, во која се вели:
Ваше блаженство, Ваши високипреосвештенства,
Примете го нашето искрено и длабоко сочуство по повод смртта на поранешниот митрополит Европски, г. Горазд.
Новопретставениот митрополит со својата мисија даде значаен придонес во зајакнувањето на единството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и за нејзината афирмација во светот. Неговата добрина, чесност, кротост и смирение беа синоним за човекољубие, христијанска љубов, слога и разбирање. Неговото црковно-духовно и културно-просветно дело му покажа на целиот свет како се гради, интегрира и почитува македонскиот црковен и духовен идентитет.
Митрополитот Горазд засекогаш ќе остане запаметен како голем црковен и духовен деец чии дела ги зближија Македонците од целиот свет, а со својот пример покажа како е да се биде горд и верен син на Македонија и на својата мајка-Светиклиментовата Македонска православна црква.
Бог да го прости! Нека почива во мир!
Примете искрено сочуство,
Директор
м-р Даријан Сотировски