Сотировски - Каланѕис : Нашата прва средба да придонесе кон идна успешна соработка
Денес, Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски одржа онлајн средба со својот грчки колега г-дин Џорџ Каланѕис, Генералниот секретар за религиски работи при Министерството за образование и религиски работи на Хеленската република. Ова е прва македонско-грчка средба на одговорните државни функционери за религиски работи од двете држави.
Средбата беше одлична можност за меѓусебно запознавање, презентирање на работниот процес на двете институции и главните цели во 2021 година, во која сеуште сите се соочуваме со глобалната пандемиска криза.
Директорот Сотировски истакна дека треба да развиваме соработка на повеќе прашања од взаемен интерес, како соседни држави, кои се соочуваат со слични регионални предизвици. Верата, верските традиции и вредности на нашите граѓани се мотив и можност за унапредување на соработката која може да придонесе до јакнење на меѓусебната доверба.
Генералниот секретар Каланѕис истакна дека ја поздравува отвореноста за соработка и дека Грција е силен поддржувач на сите развојни процеси во нашата држава.
На средбата се разменија мислења по повеќе актуелни прашања во двете држави, како и регионот.
Соговорниците првата средба ја оценија како мошне позитивна и полезна, изразувајќи очекување истата да придонесе кон идна широка соработка, како меѓу државите, така и меѓу верските заедници од двете држави.