На 3 август 2025 година, во село Колешино, под мотото „Незаборав на заветот“, се одржа емотивна средба на нашинците од земјата и дијаспората. Настанот беше симболично сведоштво за нераскинливата врска со родниот крај и за вредностите што нѐ обединуваат како народ.
На 3 август 2025 година, во село Колешино, под мотото „Незаборав на заветот“, се одржа емотивна средба на нашинците од земјата и дијаспората. Настанот беше симболично сведоштво за нераскинливата врска со родниот крај и за вредностите што нѐ обединуваат како народ.
На огромна радост на сите присутни, вечерта ја возвеличи присуството на г-ѓа Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. Нејзиниот настап беше најавен со зборовите:
„Г-ѓа Оливера во себе и со себе не носи само институционална тежина и одговорност, туку и природна топлина, благородност и дар на зборот. Во нејзината кратка беседа – обраќање, таа проговори за љубовта која единствено ги премостува сите разлики меѓу нас и гради нови домови на нашите сплотени души.“
Во своето инспиративно обраќање, директорката испрати моќни пораки за вербата, заедништвото и значењето на љубовта како најголема духовна вредност. Таа рече: „Македонија ќе биде жива сѐ додека е жив и последниот Македонец.“
Потсети на силната симболика на Македонија во христијанството, преку Лидија Македонка и Посланието на Апостол Павле, нагласувајќи дека ова парче земја е корен на духовни вредности.
„Како ќе го препознаеме верникот? По љубовта, затоа што верникот зборува со јазикот на љубовта и никако поинаку.“
Во емотивната завршница, директорката повика:
„Да зборуваме со јазикот на љубовта и тоа да го слушне целиот свет… Со љубов да ги облагородиме нашите срца и да го обединиме светот – а тоа обединување да започне токму од Македонија и вечерва токму од Колешино.“
Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи со гордост ја поддржува оваа средба и ги охрабрува сите вакви иницијативи што го зацврстуваат духовното, националното и меѓучовечкото ткиво на македонското општество.
Во продолжение, ја пренесуваме целата беседа на директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи:
Кратка беседа на Директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска на настанот во Колешино, на 03.08.2025 година
Добра вечер Колешино,
Добра вечер, драги браќа и сестри Македонци,
Да сте ми живи здрави и благословени и до година што помногубројни!
Нѐ парчосуваа, се обидуваа да нѐ парчосуваат и ќе продолжат да нѐ парчосуваат. Нѐ прогонуваа, се обидуваат да нѐ прогонуваат и ќе продолжат да нѐ прогонуваат. Но, Македонија ќе биде жива сѐ додека е жив и последниот Македонец. Последниот Македонец и првиот Македонец, на овие простори се оние кои што се обидуваат во едно. Зошто?
Ги слушнавме цитатите од најубавата беседа за љубовта, од Посланието на Апостол Павле за љубовта, кое говори за сѐ она што е олицетворение на доброто, на суштината, на битот. Ги слушнавме и стиховите од Светото Писмо, кога Светиот Апостол Павле имал видение преку ноќ да дојде и да проповеда во Македонија. Па зарем таа Македонија е толку небитна? Зарем Апостол Павле случајно ја избрал Македонија да биде местото каде што ќе го посее семето на христијанството? Зарем таа Македонија каде што Лидија Македонка го прими христијанството е небитна? Ние сме мало парче земја кое што говори со името не љубовта, коешто битисува со суштината и каде што верата постои, ќе постои и каде што верата обединува.
Ние сме различни помеѓу себе, припаѓаме на различни верски заедници и религиозни групи, но јас секогаш во своите обраќања потенцирам, дека љубовта е таа којашто нѐ обединува. Како ќе го препознаеме верникот? По љубовта, затоа што тој треба да биде олицетворение на љубовта, затоа што верникот зборува со јазикот на љубовта и никако поинаку. Во срцето на верникот не постои место за омраза, во време на глобални случувања кога светот е разделен по секакви основи.
Еве, во последниов период се обидуваат да нѐ разделат и по верска основа, меѓутоа ние нема да го дозволиме тоа, затоа што ќе се бориме со сите сили, и ќе се бориме токму со љубовта, затоа што љубовта е најмоќното оружје пред кое што сите застануваат и на којашто сите се потчинуваат. Љубовта и нематеријална, љубовта е олицетворение на суштината, љубовта е сеприсутна, а сепак недостижна. Затоа што љубовта е онаа која што ги топли нашите срца, љубовта е онаа преку која што јазикот на верата се шири помеѓу нас и која што, каде и да сме во светот, без оглед на тоа со какво име и да не наречат, дали ќе бидеме православни, католици, муслимани, адвентисти евангелисти или било какво име да избереме по кое ќе се именуваме, ние секогаш ќе бидеме верници ако во срцата го имаме Бог. Ако во срцата ја имаме љубовта.
И во време кога внатрешниот порив стана омразата, љубовта треба да биде наш императив. Ние, како верници, како луѓе како македонци кои што потекнуваме од просторите каде што верата и христијанството ги засади своите корени, треба да бидеме оние коишто ќе говориме со јазикот на љубовта.
Затоа драги браќа и сестри, да зборуваме со јазикот на љубовта и тоа да го слушне целиот свет. Како што со крв ги натопивме нашите грутки земји, така со љубов да ги облагородиме нашите срца и да го обединиме светот, а тоа обединување да започне токму од Македонија и вечерва токму од Колешино.
Ви благодарам.