Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот
На средбата присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, Скопски бискуп и епарх Струмичко-скопски, монс. д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
Тема на средбата беа претстојните велигденски и рамазански празници и условите во кои поради пандемијата на Ковид-19 и оваа година ќе биде неопходна претпазливост на верниците при празнувањето во верските објекти во државата.
Претседателот Пендаровски укажа на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата, така и на важноста на нивните постапки во време на пандемијата на Ковид-19.
Поглаварите и претставниците на верските заедници упатија апел до верниците за внимателно и одговорно однесување, сериозно и безусловно почитување на мерките и препораките од здравствените власти, за да се заштитат себе си и оние кои ќе одлучат оваа година да ги посетат храмовите по повод празниците, како и за неопходноста од вакцинација на граѓаните.
Претседателот Пендаровски ги повика сите граѓани на одговорно и совесно однесување за време на празнувањето на претстојните верски празници.
На средбата беше реафирмиран ставот дека соживотот и почитувањето на различноста се темелни вредности на земјата.