Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) традиционално организира Свечен предновогодишен прием за претставниците на црквите, верските заедници и религиозни групи и го додели највисокото комисиско признание „Вељо Манчевски“ за 2023 година
На ден 22 декември 2023 година, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) традиционално го организираше својот завршен настан за календарската 2023 година - Свечениот предновогодишен прием за претставниците на црквите, верските заедници и религиозните групи, кој се одржа со почеток во 18 часот во Малата сала на Македонската филхармонија.
На Свеченоста присуствуваа голем број на гости, општествени чинители, како и претставници на верските субјекти, меѓу кои, и: Претседателот на Ребубликата, Неговата екселенција, г-дин Стево Пендаровски, Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, Реисул Улема на Исламската верска заедница (ИВЗ), х. хфз. Шаќир, еф. Фетаи, Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски, монс. д-р Киро Стојанов (КЦ), Суперинтедентот на ЕМЦ, г-дин Марјан Димов, претседателот на ЕЗРМ, г-дин Пепо Леви, голем број на епископи, муфтии, свештеници, имами, претседатели и раководни лица и членови од останатите регистрирани цркви, верски заедници и религиозни групи, потоа на настанот присуствуваа и: Генералниот директор на Директоратот за соработка со верските заедници на Р. Црна Гора, г-дин Драган Радовиќ, Министерот за внатрешни работи, г-дин Оливер Спасовски, Гувернерката на Народната банка, г-ѓа Анита Ангеловска – Бежоска, како и голем број на видни претставници од државните институции.
Свечениот настан започна со изведба на македонската химна „Денес над Македонија“ во изведба на Хорот при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ Скопје, по што беше пренесено топлото добредојде од страна на Директорот на КОВЗРГ, г-дин Даријан Сотировски и беше најавена програма, која оваа година беше составена од два дела, формален и концертен. Пред почетокот со првиот со првиот дел беше емитувано кратко видео со пресекот на поважни случувања изминатата година во верската сфера, кое присустните со внимание го проследија. (Истото можете да го погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=Wd4VKY8F6Aw).
Потоа пред присутните се обрати Претседателот Пендаровски, кој во својот говор, поздравувајќи ги присутните го истакна следното: „Чест ми е да ве поздравам на овој свечен предновогодишен прием што го организира Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. Вашето присуство сведочи дека различноста кај нас се почитува не само на зборови, туку, конкретно. Соживотот не се гради само со размена на куртоазни пораки и честитки, туку, пред се, низ лични релации и пријателства. Преку соработката во Меѓурелигискиот совет, преку групата на пријателство помеѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница, вие на најдобар начин го заштитувате соживотот од провокациите на недобронамерните поединци. Со тоа давате пример за целото македонско општество, како можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верата и во убедувањата. Ова е особено важно денес, во време на длабоки кризи и превирања во секоја сфера – економска, еколошка, безбедносна и, најстрашната – вредносна. Имаме криза на доверба во институциите, имаме недоверба меѓу луѓето. Сведоци сме на војни што се водат меѓу народи со различни религии, но, и меѓу народи со иста религија. Совеста на светот е натежната од страдањата на неброени цивилни жртви, на немоќни старци, нејаки жени и деца. Главна специфика на кризното време е стравот, многу повеќе од надежта.“. Претседателот во својот говор го нагласи односот кој македонската државата традиционално го негува кон верските слободи и права на граѓаните како и односот кон црквите и верските заедници, кој се гледа и по постојаните залагања за препознавање на мултиконфесионалниот карактер на земјата како еден од столбовите за мир, соживот и просперитет, а верското наследство, практика и традиција како суштествен дел од нашата национална култура, меѓудругото нагласувајќи ја и институционалната улогата на КОВЗРГ во негувањето на тој однос и заклучувајќи дека таа: „...има незаменлива улога да помага во премостувањето на поделбите во општеството, да бара точки на поврзување и со тоа да ја негува културата на верска толеранција и почитување на религиозната различност. Комисијата придонесува за градење на соживотот во нашето мултирелигиско општество, вклучително и преку признанието „Вељо Манчевски“ што се доделува во спомен на првиот верски референт на асномска Македонија. Поради сите свои активности и иницијативите за градењето на доверба, државата треба да ѝ дава целосна поддршка на работата на Комисијата“. (Целосниот говор можете да го прочитате на следниот линк: https://www.kovz.gov.mk/ns-newsarticle-pretsedatelot-pendarovski-se-obrati-na-prednovogodisniot-priem-na-kovzrg.nspx).
Во продолжение пред присутните се обрати, организаторот на настанот, Директорот на Комисијата за односи со верските заедници г-дин Даријан Сотировски, кој имаше кратко поздравно ображање преку кое се заблагодари на сите за присуството како и за плодната и успешна соработка во текот на годината по што се премина кон доделување на највисокото годишно комисиско признание „Вељо Манчевски“ за 2023 година.
Признанието „Вељо Манчевски“ е востановено со Одлука бр. 02-526/1 од 12.12.2022 година на директорот на КОВЗРГ како највисоко годишно комисиско признание за особен придонес на правни и физички лица кои со својот ангажман, активност и труд трајно се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера во државата. Истото го носи името на Првиот верски референт на Македонија од 1943 година, асномецот Вељо Манчевски.
Оваа година признанието „Вељо Манчевски“ беше доделено на:
- Проф. д-р Јован Белчовски за особен придонес во развојот на црковната историографија:
- Г-дин Иса Исмаили, поранешен Муфтија на ИВЗ за долгогодишна посветена верска служба;
- Протоереј-ставрофор Ѓеорги Трајков за долгогодишна посветена свештеничка служба;
- Постхумно на поранешниот претседател на ЕЗРМ, Виктор Мизрахи за особен придонес во развојот на Еврејската заедница во Република Македонија и на меѓуверската соработка;
- Постхумно на поранешниот претседател на ЕЦ, пастор Мирчо Андреев за особен придонес во развојот на Евангелската црква и на меѓуверската соработка;
- Здружението на граѓани „Бадникови поворки“ за особен придонес во создавањето на трајни вредности.
Признанието беше доделено на лица со несомнен придонес во својата област на делување. Радува тоа што во земјава има голем број на заслужни граѓани, чиј труд и придонес заслужуваат да бидат јавно пофалени и чие дело го имаме во предвид, па се надеваме дека голем дел од нив заслужено ќе го добијат ова признание во годините пред нас.
Покрај кратките заблагодарувања на добитниците, од нивно име се обрати претставникот на Здружението „Бадникови поворки“, г-ѓа Марија Саздева, која укажа колку е величествено, доблесно и радосно, кога трудот кој низ текот на годините човекот од срце го внел во она што го работел се вреднува.
Во продолжение се премина на вториот концертен дел од вечерната програма, преку која имавме ретка можност да ги слушнеме настапите на четири хорови од различна вероисповед. Пред присустните со своите убави композиции настапија следните хорови:
- Католичкиот катедрален хор „Пресвето Срце Исусово“ - Скопје предводен од диригентот маестра Јулија Нелковска, со изведба на композициите „Над витлеемските полиња“, на сестра Марија Јорданова и „Тивка ноќ“ на Ф. Грубер;
- Хорот „Моис Хасон“ на Еврејската верска заедница, кој под диригентска палка на г-дин Андреј Наунов ги изведе композициите „Маос Цур“ и „Ламидбар“;
- Хорот на Исламската верска заедница, предводен од диригент Ељеса Асани, кој ги изведе композициите O i Nalti Perendi и Esselamu Alejke;
Концертниот дел заврши со настап на Хорот при храмот на „Рождество на Пресвета Богородица“ – Скопје кој под диригентска палка на Андреј Наунов ги изведе хорските композиции К Богородице Прилежно на А. Архангелски и Сеи Ден на Д. Бортнианскиј.
Од настапите на хоровите уште еднаш се увиде дека културата, верата, вредностите, традициите внесуваат боја во нашиот живот. Земјава е заеднички дом на луѓе кои имаат различна национална, религиска, јазична и културна припадност. Оваа широка и полна палета на бои ја прави нашата слика одеднаш и уникатна, и современа, и древна и безвременска.
На крај од име на организаторот Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи беа честитани претстојните празници, беа посакани мир, радост и здравје во сечиј дом.
По настанот беше одржан пригоден коктел во фоајето.