Директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до свештенството и верниците на Католичката црква по повод празникот Раѓање Христово (Божиќ)
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски монс. д-р Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Македонија, како и до граѓаните од католичка вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по грегоријанскиот календар, честитајќи им го празникот Раѓање Христово (Божиќ).
Ваше Превозвишенство,
Дозволете ми, во мое лично име и во име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, да Ви упатам Вам, на свештенството и на сите верници од Католичката црква во земјата, искрени честитки по повод големиот празник - РАЃАЊЕТО ХРИСТОВО БОЖИЌ.
Пораката на ангелите „Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука 2,14) одѕвонува како траен поттик за градење на општество засновано на дијалог, солидарност и соживот. Нека празникот на Христовото раѓање донесе мир, љубов и духовна радост, како и здравје, спокој и благосостојба во секој дом.
Во духот на овие универзални вредности, Ви посакувам Божиќните празници да бидат исполнети со надеж и духовна сила, а Вашата пастирска мисија и понатаму да придонесува за доброто на верниците и за унапредување на меѓусебното разбирање во општеството.
ХРИСТОС СЕ РОДИ – НАВИСТИНА СЕ РОДИ!