Директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Поглаварот и членовите на САС на МПЦ-ОА, како и до свештенството, монаштвото и до сите верниците по повод празникот Рождество Христово – Божиќ
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-ѓа Оливера Трајковска упати телеграма со честитки до Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, како и до свештенството, монаштвото, до верници од православна вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по јулијанскиот календар, честитајќи им го празникот на Христовото раѓање - Божиќ.
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, браќа и сестри, возљубени во Христа празникољупци,
Дозволете ми да Ви го честитам торжествениот празник на Рождеството Христово – Божиќ, со желби за мир, љубов и заедништво.
Додека Божиќната светлина силно продира низ темнината, чистотата на Богомладенецот нека ја измие нашата душа, љубовта на Божјата Мајка нека се всели во секое срце и секоја твар со радост нека воскликне :
- Христос се роди!
- Навистина се роди!
Во светлината на Рождеството Христово, животот свој на Христа Бога да Му го предадеме, а Бог нека не укрепи да пребиваме во заедничка молитва и нека ни дава сили заеднички да стоиме на браникот на нашата Света и Соборна Црква!
Народе македонски православен, да се сплотиме во единство, со вера и љубов меѓусебно. Да дозволиме љубовта на Христа Бога воплотениот нераскинливо да не поврзе и да не води кон светлата иднина на Македонија. А светлата иднина на Македонија се здрави семејства исполнети со љубов, меѓусебна почит и поддршка и многубројни поколенија на македонско тло.
Драги браќа и сестри, да ги наполниме храмовите за Божиќ, со радост да си го честитаме празникот, да му покажеме на светот колкава вера и љубов во Македонија пребива и со достоинство да ја сочуваме домашната Црква- семејството.
На многаја лета Рождество Христово - Божиќ!
Директор
Оливера Трајковска