Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со честитки до Неговата Светост Српскиот патријарх г. г. Иринеј по повод јубилејот – 950 години од основањето на манастирот „Свети Прохор Пчински“.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г. Даријан Сотировски упати телеграма со честитки до Неговата Светост Архиепископот Пеќски, Митрополитот Белградско-карловачки и Патријарх Српски г. г. Иринеј, честитајќи му го големиот јубилеј 950 години од основањето на манастирот „Свети Прохор Пчински“.
Ова Лето Господово 2020 носи со себе еден значаен јубилеј, 950 години од основањето на древниот православен манастир „Свети Прохор Пчињски“. Тоа е многу повеќе од изминат временски период, тоа е период исполнет со духовни предизвици и подвизувања, пренесување на Светото предание, подеми и падови, спомени, напластено генерациско сведоштво, светли и свечени моменти и многу верни лица, кои со вера и надеж пристапувале на светињата.
Годинава кога на торжествениот собир и Светата литургија ќе се огласат црковните ѕвона, во тие возвишени моменти на прослава на 950 – летието на манастирот, знајте дека сме заедно во радоста, а во тоа име примете ги моите искрени честитки по повод овој значаен јубилеј.
Македонскиот народ има нераскинлива духовна врска и исконска почит кон манастирот на свети Прохор Пчињски, местото каде вековниот македонски национален стремеж за државност и сувереност се преточил во одлуките на делегатите на првото заседание на АСНОМ.
Бог да ги чува и радува нашите православни народи!