Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до игуменот на Валаамскиот манастир по повод упокојувањето на Архимандритот о. Методиј (Петров).
По повод упокојувањето на Неговото високопреподобие, Архимандритот отец Методиј (Петров), заменик игумен на рускиот манастир Валаам, Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до: игуменот на Валаамскиот манастир, Неговото преосвештенство Епископот г. Панкратиј (Жердев) и до сите негови собраќа, монаси и духовни чеда, како и до семејството на новопретставениот, во која се вели:
Ваше преосвештенство,
Дозволете од името на македонските граѓани и од име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) да го изразам нашето длабоко сочуство до Руската православна црква – Московска патријаршија, односно до Вас како игумен на свештениот Валаамски манастир и до сите валаамски монаси по повод тажната вест, која се рашири низ нашата македонска земја дека се упокои во Господа, нашиот почитуван и мил архимандрит отец Методиј, собрат на Валаамскиот манастир.
Живеејќи во време на големи искушенија кога целокупното човештво е погодено од невидливиот убиец – жалната вест дека новопретставениот отец Методиј прерано нè напушти, предизвика голема тага во редовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и кај целиот македонски православен народ од кој тој потекнуваше и го имаше постојано во своите молитви.
Македонија и македонскиот народ во знак на благодарност за неговата благородна мисија секогаш молитвено ќе се сеќаваат на неговиот светол лик и на неговите богоугодни дела, кои за време на својот живот како пастир и слуга Божји ги твореше, ревносно служејќи Му на Бога, на народот и на својот манастир. Иако физички се наоѓаше далеку од својата родна земја, тој неа секојдневно ја имаше во своето срце. Ние како македонци можеме гордо да се пофалиме дека отец Методиј беше нашиот најголем амбасадор на нашата земја во Русија, кој со своите рамноевангелски дела и подвизи по примерот на сесловенскиот просветител чие име го носеше се покажа како вистински македонски мисионер помеѓу братскиот руски народ. Вечно ќе го паметиме како пламен свештенослужител, близок до луѓето и солидарен во секој момент и ситуација.
И ние заедно со Вас во овие тешки мигови се молиме на Бога за блажен покој на неговата добра душа, како и за утеха во болката на сите негови духовни чеда.
Нека е вечен и свет неговиот спомен!
Примете искрено сочуство,
Директор
м-р Даријан Сотировски