Директорот на КОВЗРГ, г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до семејството Наумови, по повод смртта на м-р Ѓорѓи Наумов, поранешен директор на КОВЗРГ.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски упати телеграма со сочуство до семејството Наумови, по повод смртта на м-р Ѓорѓи Наумов, поранешен директор на КОВЗРГ.
Ужалено семејство,
Во овие мигови на тага, дозволете од мое лично име и од име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) да го изразиме нашето сочуство по повод загубата на г-дин Ѓорѓи Наумов, поранешен Претседател на Републичката комисија за односи со верските заедници.
Новоупокоениот во својот живот како дел од првата македонска влада направил големи дела во областа на правдата како ресорен министер во експертската влада во периодот од 1991-1992 година. Не помали се неговите заслуги за напредокот и афирмацијата на тогашната Републичка комисија за односи со верските заедници, која ја предводел во едно значајно и тешко време за нашата земја, во периодот од 1998 до 2002 година. За време на тие години благодарение на неговите идеи и родољубивост се случиле и се направиле големи дела, кои вечно ќе останат во наследство на македонскиот народ. Меѓудругото, благодарение на институционалната меморија ќе го имаме во сеќавање како еден од иницијаторите, кои се ангажирале и успеале да го подигнат познатиот Милениумски крст на Водно.
Се надеваме дека ќе најдете сила и утеха во значајноста на неговите дела и постапки исполнети со љубов кон својата татковина, кои ги остави како патоказ за идните генерации. Нам, во КОВЗРГ, ни останува во трајно сеќавање како значаен нејзин претседател, кој со својата неуморна трудољубивост и посветена ангажираност успеал да ја афирмира оваа наша значајна национална институција.
Нека му е вечен споменот!
Примете искрено сочуство,
Директор
м-р Даријан Сотировски