Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на Вечерната богослужба и на свечената академија во МПЦО „Света Злата Мегленска“ во Загреб, Р. Хрватска во пресрет на нејзиното осветување.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски на ден 20. 05. 2023 година присуствуваше на Вечерната богослужба и на свечената академија во новоизградениот македонски храм „Света Злата Мегленска“ во Загреб, Република Хрватска по повод нејзиното утрешно осветување.
Вечерната богослужба ја предводеше Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г. Стефан во сослужение на високопреосветените Митрополити: европски г. Пимен и тетовско-гостиварски г. Јосиф и на голем број на свештенослужители и ѓакони. На богослужението присуствуваше многуброен верен народ, а на особена радост на цела македонска заедница во Хрватска на свеченоста присуствуваше Премиерот на Р. Хрватска, г-дин Андреј Пленковиќ. Исто така на свеченоста присуствуваа и македонскиот амбасадор во Загреб, г-дин Милаим Фетаи, како и Директорот на хрватската Комисија за односи со верските заедници, г-дин Шиме Јерчиќ, како и преставници на сите верски заедници од Р. Хрватска.
На свечената акдемија беа доделени и признанија и плакета за соработката и помошта при изградбата на храмот. Премиерот г-дин Андреј Пленковиќ, во име на Владата го прими највисокото признание на МПЦ-ОА, орденот „Свети Климент Охридски“ од прв ред во знак на благодарност и искрено пријателство, а особено за доприносот кон македонската заедница и помошта во изградбата на храмот. Орденот Свети Климент Охридски, за гостопримството и братската поддршка и помош ѝ беше доделено и на Хрватската епископска конференција (ХБК), а беше примен од пратеникот на претседателот на ХБК, генералниот секретар монс. Крунослав Новак.
Премиерот Пленковиќ по богослужбата, изјави: „Тоа е политика на целата Влада на Република Хрватска, поддршка на Македонија на нејзиниот европски пат, но и на патот на политичка, економска, културна и трговска соработка што ја имаме и која е исклучително важна“.
На свечената академија беше доделена плакета за придонесот на пратеничката г-ѓа Маријана Петир во изградбата на македонска православна црква „Света Злата Мегленска“ во Загреб.
Старешината на храмот, протоереј-ставрофор Кирко Велински им се заблагодари на сите присутни и на сите кои ја помогнаа изградбата на храмот, изјавувајќи: „Јас сакам денеска овде да изразам голема благодарност на хрватскиот народ, на Владата на Република Хрватска, на католичката заедница кои ни помогнаа. Без нивната помош ова денеска сигурно немаше да биде. Ова е македонска православна црква и таква ќе остане“.
Утрешното осветувањето на оваа црква има исклучително големо значење, затоа што ова е прва црква на МПЦ-ОА во Хрватска. Незјината градба не беше воопшто лесна, но најголема заслуга за денешното осветување има поранешниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ кој исто така беше одликуван со орден од прв ред. Црквата што почна да се гради беше овозможена токму со дозвола за изградба обезбедена од Градското загребско собрание, на 700 квадратни метри во непосредна близина на центарот на Загреб.