Денес во Клубот на пратениците во Скопје, Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; заедно со верските лидери го осудија инцидентот со објектот на Еврејската заедница и повикаа на одговорност, разум и доблест да се зачува соживотот.
Денес во Клубот на пратениците во Скопје, Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; заедно со верските лидери го осудија инцидентот со објектот на Еврејската заедница и повикаа на одговорност, разум и доблест да се зачува соживотот.
Обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат на македонско тло и врз кои се темели нашето општество. Секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената светиња – стои во реакцијата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и лидерите на петте верски заедници во државата.
Денеска на прес-конференцијата со медиумите , Соопштението до јавноста беше презентирано од страна на директорката на Комисијата, Оливера Трајковска.
Директорката изрази осуда по повод немилиот настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.
"– Затоа, во духот на заедништвото меѓу религиската соработка и заемното разбирање упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме, па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија". – додаде Трајковска.
На прес-конференцијата беа присутни поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан; скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов; поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаи; претседателот на Еврејската заедница, г-дин Пепо Леви и суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква пасторот Марјан Димов.
Претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви истакна дека изразуваат реакција која истовремено е осуда и знак на поддршка за Еврејската заедница, бидејќи во Македонија верските заедници негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка на секое поле:
"– Есенцијално е да извлечеме поука од сето ова. Ова е ексцес кој не се случил од 1943 година кога Хитлер и неговата солдатеска ги однесоа нашите 7.144 Евреи во Треблинка. Од таму никој не се врати. Никогаш не била спалена синагога. Такви работи не се случувале во Македонија, се надевам дека нема да дозволиме надворешните конфликти и влијанија да се прелијат во нашата Македонија каде живееме во мир, соживот и имаме разбирање и блиски односи меѓу сите верски заедници, од кои добивме континуирана поддршка ".
Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Шаќир ефенди Фетаи се обрати до присутните:
"– Младината наша има големо почитување кон сите верски заедници, кон сите верници. Тоа се гледа и во сите места каде ние сите живееме заедно без никаков проблем. Затоа најодговорно тврдам дека соживотот убаво се развива и нема никакви пречки во нормалното функционирање. Верските заедници, заедно со Комисијата внимаваат околу тоа како се развива соживотот, и се залагаат соживотот и толеранцијата да бидат на највисоко ниво. Сметам дека вакви елементи не потекнуваат од ниедна религија , ниту еден верник".
Настанот заврши во пријателска и позитивна атмосфера, со благодарност до медиумите, кои секогаш се поддршка на Комисијата и верските заедници.